Живееме под едно небо, делиме исти проблеми, исти предизвици. Маката ни е иста, и копнееме по заеднички работи. Денес Македонија е држава каде управуваат стотина души кои ги запоседнале институциите и грубо ги злоупотребуваат. Секој тендер поминува низ нивни раце, за секој бизнис процентот на добивка го определуваат истите луѓе. Тој артаноиден систем стана синоним за корупција и неказнет криминал. Систем на искривени вредности и непринципиелност која државата ја носи во пропаст, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Тетово.
Мицкоски додаде дека доаѓа ново време, се врти нов лист, нов почеток.
„Овде од Тетово објавувам дека веднаш по победата и формирањето на влада значаен процент од буџетот ќе оди за развој и решавање на децениските инфраструктурни проекти на Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Дебар и повеќе други општини од западна Македонија“, вети Мицкоски.
„Се обврзувам дека во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и на овие места овде. Подеднакво ќе градиме и работиме за развој на штипско Ново село, но и за тетовско Теарце, за струмички Куклиш, но и за тетовско Одри“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека на народот му е доста од удирање на гради зборење за права, а во реалноста сето тоа да се сведе на крадење и тендери. Реално и со дела да се менува животот на луѓето и тоа идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го направи.
„За да се случи ова што ви го зборувам, на 8-ми мај мора да се заврши започнатата работа. Цунамито е кренато. Тоа цунами треба да удри на денот на изборите и да ја оддува забрефтаната од криминал власт. Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезноста“, порача Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните на осми мај да излезат и да гласаат, време е да започнат промените во Македонија.