„Ова е Влада која главен фокус во своето делување ќе го има на полето на реформите, тука пред се мислам на економските реформи, но и структурните реформи во општеството она што го зборувавме правдата, владеење на правото нешто кое е многу важно, да нема повеќе неказнивост или политички амнестирани лица зад завесата туку секој да биде отчетен за тоа што го сторил пред граѓаните, а што се однесува до националните атрибути ние не сме националисти туку едноставно патриоти луѓе кои си ја љубат државата и својот народ и својата нација“, истакна премиерот на Република Македонија и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува“ насловен како Македонија повторно твоја.
Мицкоски продолжи и додаде:
„Тука немаме намера да правиме компромиси кои ќе значат уште еден удар врз нашиот македонски идентитет, македонскиот народ и нација. Премногу работи проголтавме издигестиравме овие повеќе од 3 децении независност и сега конечно треба да се посветиме на работи кои ќе не мерат по тоа што сме направиле. Ние во моментот како економија, реформска влада и сето она што го правиме сме рамо до рамо со земјите членки на ЕУ или според параметрите на најбрзо растечки економии во третиот па сега во четвртиот квартал би биле во тие 5-6 држави и тоа го правиме без да сме дел од ЕУ“, вели Мицкоски.
Мицкоски укажа дека Македонија не е дел од ЕУ поради наметната билатеризација на процесот.
„Замислете да сме дел од ЕУ? Ние не сме дел затоа што некој го билатеризираше процесот, односно билатералните прашања се наш критериум а не по тоа што испорачуваме, колку реализираме од реформите или сите оние точки кои се дел од преговарачкиот процес значи ние секогаш треба да испорачаме нешто што нема врска со европските вредности“, заклучи Мицкоски.