Денес го добив извештајот на Европската Комисија кој се однесува на изминатата една година поточно за периодот септември 2023 и септември 2024. Опфатени се практично три влади, една политичка влада, една техничка влада и една влада која беше избрана на 23 јуни оваа година, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
-Мора човек реално да пристапи на работите и реално да разговара за заедничките предизвици кои ни престојат како држава. Нема да кажувам дека со само два месеци кои се опфатени во извештајот дека сме направиле чуда.
И без овој извештај како прв човек на Владата знам дека граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и она што можеби за мене претставува клучен приоритет а тоа е борбата против корупцијата.
Сепак е добро кога ќе се добие и квантификација и една реална слика за состојбите. Со извештајот добиваме една реална, објективна слика за состојбите за целокупната подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди, како и за тоа што било направено во текот на изминатата година. Детектиран е добар или одреден напредок во некои области, но и ограничен или недоволен односно нема никаков напредок во повеќе други области и теми од Европското законодавство и стандарди, вели Мицкоски и додава:
„Она што ме охрабрува е што и во овој кус период на новата Влада, Европската комисија ги препознава напорите за борбата против корупцијата, нешто што не беше случај во минатиот извештај.
Како и претходните години, најголемите слабости повторно се детектираат се однесуваат на кластерот 1- темели, односно на деловите поврзани со правосудството, реформа на јавната администрација.
Нашите претходници требало и морало да направат повеќе и подобро, но да го оставиме тоа зад нас, мора да ги надминеме политичките препукувања и да се фокусираме на она што треба сите ние заеднички да го направиме. Немаме време за губење.
Не’ очекува уште многу работа, сите нас, бидејќи реформите и европскиот пат се долгорочен и сеопфатен процес. Затоа ве уверувам дека ние како нова Влада работиме интензивно и посветено за подобрување на состојбите во сите области, особено во оние области на живеење каде проблемите и слабостите на системот се најголеми. За тоа ни е потребен ангажман од сите нивоа на власт- извршната, но и законодавната и судската, како и од нашата администрација, и останатите чинители во општеството – приватниот сектор, граѓанското општество, академската заедница итн.
Нема отстапување од реформите, бидејќи тоа е единствениот начин за да го подобриме животот на нашите граѓани и да го зајакнеме македонското досие на патот кон членство во ЕУ. Не само заради технократско исполнување на условите, туку заради суштествено помрднување напред и европска трансформација во вистинска смисла на зборот. Тоа е наша обврска за обезбедување подобра сегашност на сите нас и подобра иднина за следните генерации.
И сосема на крај знам дека граѓаните се уморни од целиот процес, и дека неоправдано сме во чекалницата, но единствената одржлива и стратешка цел за иднината на сите останува членството во Европската Унија“.