Идниот претседател Гордана Силјановска Давкова победи во сооднос поголем од 2-1 со историска разлика од 183 илјади гласа во однос на нејзиниот против кандидат Стево Пендаровски. Тоа е историски резултат и резултат кој нас не обврзува бидејќи народот со право има големи очекувања и очекува дека идната влада на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ треба да испорача брзи резултати, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар.
Претседателот Мицкоски истакна ветува дека ќе има брзи резултати.
„Од мое име и од името на коалицијата можам да ви ветам дека брзи резултати ќе има, имаме програма наречена Платформа 1198, во таа платформа, во тој документ се содржани решенија за потребите на граѓаните на Македонија бидејќи тие го најдоа своето место во таа изборна програма како резултат на неколку месечна, годишна комуникација која ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја имаше преку организирање трибини, посети лице во лице, разговори. Сето она кое е содржано таму е навистина решение за реалните потреби на секој граѓанин во Македонија“, вели Мицкоски.
Претседателот Мицкоски продолжи и додаде:
„Вистинското прашање е дали некој овде во Демир Хисар видел програма на нашите политички противници и дали некој знае како се вика таа програма на нашите политички противници. Ние веќе ја поминавме Македонија еве веќе 25 ден од оваа кампања и претпоставувам дека нема граѓанин, нема човек во Македонија кој не знае дека ние молиме за поддршка за Македонија да биде повторно горда и твоја. Дали некој знае која е пораката на нашите политички противници освен ако се земе дека сите тие се тепаат да ги искористат двете магични букви ЕУ само тоа“, кажа Мицкоски.
Претседателот Мицкоски истакна дека една работа е сигурна после 8 мај, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ ќе имаат 61 пратеник, а Гордана Силјановска Давкова ќе е идниот претседател. Тој упати апел масовно на 8 мај да се излезе и да се заокружи бројот 2.
„Една работа е сигурна после 8 мај, а тоа е дека коалицијата „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник и Гордана Силјановска Давкова е идниот претседател, се останато е лага. Сите оние кои се претставуваат како анти владини опозициски гласови или гласачи или политичари четири дена молчат што ќе ги советуваат гласачите кои во првиот круг го дадоа гласот за нив, што ќе прават во вториот круг на гласање. Ќе излезат да гласаат, нема да излезат да гласаат, ако излезат да гласаат што ќе ги советуваат за кого да гласаат за Стево Пендаровски или за Гордана Силјановска Давкова, ајде да ги слушнеме ајде сите да ги повикаме 4 -5 дена молчите а се претставувате како опозициски кандидати, кажете го вашиот став да го слушнат граѓаните во Македонија да видиме кој е вашиот совет бидејќи сепак неколку десетици илјади луѓе гласаа и за нив“, дециден е Мицкоски.