Народот на Македонија покажа дека секој оној кој го потценува, прави голема грешка, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по победата во првиот круг од претседателските избори на кандидатката Гордана Силјановска Давкова.
„Ветив дека ќе победиме со најмалку 100 илјади гласови разлика, победуваме со повеќе од 170 илјади гласови. Зборувавме дека многу работи ќе се случат не ни веруваа, не потценуваа, мислеа дека си имаат работа со мали деца. Но ние благодарение на народот покажавме и докажавме дека Македонија ја има и ќе ја има уште многу долго време. Ветував многу работи и сите работи се случија, не напаѓаа и од внатре, ни се закануваа, се обидуваа да не делат, се обидуваа да ја делат Македонија, користеа структури од минатото на ВМРО-ДПМНЕ, но ние издржавме. Ви благодарам од срце народе на Македонија. Ветував дека ќе се случи народ и денеска се случи народ. Ова е голема победа за македонскиот народ. Пораката е јасна, Македонија не се плаши и се враќа во рацете на народот. Ние заедно со вас наспроти стотина трговци од ДУИ и СДСМ се причина за целото страдање сиромаштија и криминал во Македонија. Нашата сила сте вие, народот“, кажа Мицкоски.
„Резултатите кои ги постигнавме оставаат простор да бидеме задоволни, имаме огромна историска победа на многу избирачки места. Оваа власт паѓа. Ова е најдобриот резултат што ВМРО-ДПМНЕ го имала од позиција на опозиција. Над 600 илјади луѓе гласаа против власта, ова е победа на народот, цунамито се крена, а на 8 мај ќе ги потопи целосно. Имаме обврска да им ги срушиме сите идеи за калкулации и предавство. Ова е револуција на народот на Македонија. Работата не е завршена, а власта не е нималку наивна. На осми мај е потребен убедлив резултат, јасна победа врз оваа криминална и корумпирана власт“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој упати порака до оние кои излегле и гласале за власта дека нема да има освета кон било кој.
„Ги почитувам вашите уверувања, повеќе никој не смее да ве плаши. Единствено треба да се плашат тие што се огрешиле кон законите, а со тоа се огрешиле кон народот. Е тие ќе одговараат“, кажа Мицкоски.