Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, во Вашингтон, заедно со претседателите на Влада на Република Албанија Еди Рама и на Република Црна Гора Милојко Спајиќ оствари средба со сенаторката Џин Шајин и сенаторот Том Тилис и членовите на набљудувачката група од Сенатот за НАТО, соопштија од владиниот кабинет.
Како што велат од кабинетот на претседателот на владата на средбата Мицкоски посочил дека балканскиот регион помина тежок период на предизвици и промени кои покажаа дека соработката, забрзаниот развој и инвестирањето во пријателства на граѓаните единствено им носи подобар живот.
Тој истакнал дека блокадите, кочењето и опструкциите треба да бидат реликвија на едно минато време од кое регионот треба да извлече поуки како се заглавува во неразумни спорови и се создаваат стереотипи и раздор меѓу граѓаните.
Секоја иницијатива која е за поголема соработка на регионот и која може да донесе подобар живот е добредојдена, истакна Мицкоски кој додаде дека потребен е нов почеток и генерација на политичари подготвени за разумен дијалог базиран на факти.
Иднината на регионот е економската соработка и инвестициите за посреќни граѓани, како и апсолутна борба против корупцијата и организираниот криминал кој преставува најголема закана за напредокот. Македонската влада е посветена кон развиена економија и воспоставување на владеењето на правото, истакна Мицкоски.
Во рамките на посетата на Вашингтон, Мицкоски учествуваше на отворањето на НАТО самитот кој продолжува и во текот на денешниот ден.