Од септември месец ова прашање е на дневен ред во рамки на нашите разговори со Европската комисија. Министерот за надворешни работи е задолжен од Владата да разговара за ова прашање, изјави премиерот Христијан Мицкоски прашан за блокадите за превозниците и решавањето на овој проблем.
-Очекувам ова да се реши. Вчера побарав телефонски разговор со претседателката со Европската комисија, службено е отсутна во Индија, очекувам деновиве повторно да ја отвориме оваа тема и заедно со колегите од регионот да ја ставиме оваа тема маса. Ние бараме варијантна како да излезе во пресрет на транспортерите, вели Мицкоски.
Блокадата со камиони на товарниот сообраќај на граничните премини во државава продолжува и денеска, како дел од заедничкиот протест на македонските и превозниците од Западен Балкан кои бараат решение за проблемите поради електронската евиденција за престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена од април годинава.
Наспроти блокираниот товарен сообраќај на премините кон шенген зоната, кој, според најавите ќе трае најмалку седум дена, патничкиот сообраќај, функционира непречено.
Камионските превозници од државава и нивните колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, сметат дека ЕЕС системот ги дискриминира во однос на тие од ЕУ и бараат да им биде доделен посебен статус и да ги третира како туристи при влез во блокот.