Македонија

Мицкоски: Очекувам општините да ја достават ажурираната проектна документација што им недостигала за да добијат средства на јавниот повик

Мицкоски: Очекувам општините да ја достават ажурираната проектна документација што им недостигала за да добијат средства на јавниот повик

Премиерот Христијан Мицкоски не очекува општините да достават нови проекти во дополнителниот рок што им е даден да аплицираат на повикот за доделување 100 милиони евра за реализирање на капитални инфраструктурни проекти, туку да ја достават ажурираната проектна документација што им недостигала за да добијат средства на јавниот повик.

-Не очекувам нови проекти, туку оние општини коишто не доставија навреме ажурирана подлога да ја достават. Тоа е разумен период и не се такви многу. И во другите општини коишто добија проекти да речеме можеби конкурирале со пет проекти, добиле три па за овие два недостасува ажурирана подлога итн. За оние кои воопшто немаат добиено проект, бидејќи не доставиле проектна документација и подлога согласно јавниот повик, очекувам да ги достават, изјави Мицкоски во одговор на прашање по поставувањето камен-темелник на новото основно училиште „Крсте Мисирков“ во скопската населба Ченто.

Прашан за коментар за ставот на градоначалничката Арсова дека води ментално секташка влада, Мицкоски рече дека понекогаш е подобро човек да премолчи некои работи, попаметен ќе биде.

За обвинувањето од СДСМ, пак, дека лаже оти ќе им дадат 250 милиони евра на општините за реализирање на капитални инфраструктурни проекти, посочи дека не очекува од СДСМ да кажат нешто паметно.

-Тоа што го кажуваат од СДСМ е погрешно, бидејќи граѓаните ги гледаат сите проекти како се реализираат, од ден на ден се фрлаат лопати како почеток на изградба на проект, се пресекува лента како завршување на некој проект, така што за жал тие продолжуваат да не ја говорат вистината. Да се изразам според нивниот речник, не само што крадеа, туку и лажат. Овие политички разбојници во минатото имаа можност да покажат карактер, имаа можност да покажат што можат и проекти, тие за жал единствено што успеаја да направат е да ја зголемат линијата на нивниот личен паричник и за жал ги ограбија граѓаните, рече Мицкоски.

Ние, додаде, имаме обратен процес и сакаме се што може да се направи за доброто на граѓаните.

-Од каде парите, само три милијарди денари, тоа можеби ништо не е, ама три милијарди имаме за три месеци повеќе наплата во царината ако се спореди со претходната година. Така што, тие ќе си продолжат да си зборуваат, тие одлучиле такви пораки да испраќаат во јавноста, а ние ќе продолжиме со реализација на проекти и тоа е начинот на којшто ние мислиме дека треба да функционира политиката, порача Мицкоски.

Нашата политика, додаде, е портретирана со дела, со проекти, со реформи, со раст.

-Во земјоделството наследивме исклучително тешка слика и големи долгови. Покрај редовната исплата на субвенциите имаме досега вратено стари долгови близу или нешто над милијарда денари. Очекуваме во следниот буџет уште една и веќе во 2026 година да се изедначиме со тековната исплата на субвенциите. Шокиран сум од пораките коишто се темелат на незнаење, коишто доаѓаат од СДСМ, но повторно ќе кажам тие одбрале таква политика да водат, рече Мицкоски во одговор на тврдењата од СДСМ дека е катастрофална состојбата во земјоделството.

To top