Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека Преспанскиот договор е реалност и дел од уставниот и правниот поредок на земјата, а Договорот за добрососедство е веќе репреговаран, со додадавањето на т.н. „француски предлог“, од кои произлегуваат уставните измени, поради што, како што рече, не гледа причина, зошто кон него да не се додаде некаков друг предлог, што ќе ги опфати барањата на македонскиот народ.
Ова го изјави денеска Мицкоски коментирајќи ја изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер, која во интервју за Радио Слободна Европа рече дека одновно преговори нема ниту за Преспа, ниту со Бугарија за ЕУ, тие договори се веќе направени и нема одново преговарање за напредок кон ЕУ.
Што се однесува до Преспа ние уште пред многу години го имаме кажано нашиот став, а тоа е дека тој договор е реалност и е дел од уставниот и правниот поредок на Македонија како држава и тука никој не треба да има никаква дилема, а што се однесува во уставните измени, кои се дел од т.н. француски предлог, кој што е додаток на Договорот за добрососедство, односно репреговарање на Договорот за добрососедство и во однос на тоа нашиот став го знаете дека диктати и ултиматуми не преговараме, така што ако може Договорот за добрососедство да биде репреговаран и на него да му се додаде т.н. „француски предлог“ не гледам причина зошто да не се додаде некој француски предлог плус или некој друг предлог, кој ќе ги опфати барањата на македонскиот народ, на Македонците во Бугарија, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на поставување камен темелник на нова детска градинка во Бутел.
Мицкоски нагласи дека не може да водат политика на двојни стандари и оти ако се бара промена на Уставот за неколку стотини наши сограѓани, кои се декларираат како Бугари, тогаш треба да се земат предвид и правата на Македонците во Бугарија.
Не можеме да водиме политика на двојни стандарди, ако бараме промена во Уставот во Македонија за неколку стотини наши сограѓани, кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница, тогаш треба да видиме што станува со оние граѓани кај нашиот источен сосед, кои што велат дека се дел од македонската заедница. Треба да си го поставиме прашањето зошто тие бараат да бидат дел од македонскиот Устав, дали нечии човекови права се загрозени. Ако е така тогаш треба да видиме во Европа, која е таа институција која е одговорна да донесе одлука, чии човекови права се нарушени или не се. Тоа е Европскиот суд за човекови права и ако ја погледнете денеска ситуацијата или спортски да се изразам семафорот ќе видите резултат 14:0, односно имате 14 пресуди за македонската заедница во Бугарија, чии што права се или ограничени или нарушени и нула за бугарската заедница во Македонија. Така што мораме да имаме политика, која не се темели на двојни стандарди. Таква политика води оваа нова влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и се додека сум јас претседател немам намера да водам политика на двојни аршини, рече Мицкоски.
Тој ги окарактеризира како чудни изјавите, кои доаѓаат од официјална Софија, особено од претседателот Радев, кој, како што рече дава изјави кои повеќе прилегаат на средниот век, отколку на 21, век.
Човекот политичар, кој во 21. век за себе вели дека е европски политичар, а на голема сцена ги укинува човековите права на една заедница, која во средината на минатиот век беше дел од пописната листа кај нашиот источен сосед, македонската заедница, вели дека ние сме биле против бугарската заедница. Никој не е против бугарската заедница, ние ги почитуваме тие неколку стотина наши сограѓани, кои велат дека се дел од бугарската заедница, но бараме од претедателот на Бугарија да ги почитува малцинските и човековите права на македонската заедница, рече Мицкоски.
Агелер во интервјуто посочи дека граѓаните од новата Влада треба да бараат транспарентност и справување со корупцијата, нагласувајќи дека секогаш постои ризик од влез на корозивен капитал и дека власта треба да одговори на сите прашања.
Да бидам многу јасна, Договорот од Преспа беше апсолутно историски за државата. Знам дека беше исклучително тешко за многу луѓе во државата да прифатат промена на името. Но тоа беше меѓународен договор, со кој тогашната влада и многу во меѓународната заедница се согласија. Ние секако бевме дел од тој процес и ние аплаудиравме. Тоа е нешто што и помогна на Македонија, сега да влезе во НАТО, и доби многу можности за да напредува во Европската Унија. Бевме многу задоволни што новиот премиер и неговите министри кажаа “Северна“ во заклетвата.Тоа е од клучна важност и е фундаментален дел од Договорот. Сега многу внимателно ќе следиме како се почитува. Но како што веќе кажав и кажавме дека со почитување на Договорот од Преспа, што е клучно, и секако има начин, и приоритетот за нас во Скопје, во Американската амбасада и за Вашингтон, е да се премине на многу од тие многу важни приоритети за кои треба да се зборува оваа земја. Чувствувам дека има одредено количество на одвлекување на вниманието и собирање поени од тоа кој и што и кога кажал. Но важно е да се почитуваат меѓународните договори, за кои премиерот кажа дека ќе го стори и да одиме напред и да ги имаме многу важните разговори, изјави Агелер.