Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска пред почетокот на конференцијата на „Блумберг Адрија“ на тема „Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“, одговарајќи на новинарско прашање како може Владата да помогне Македонија да направи диверзификација на извозот и на тој начин да стане поконкретна, истакна дека не може преку ноќ да се промени еден систем којшто е граден со децении и за да се случи тоа потребно е да се реализираат стратешките цели на државата.
„Прво вие не можете преку ноќ да промените еден систем којшто е граден со децении и немате магично стапче да речете од утре сега веќе нема да се потпираме само на една опција, имаме неколку опции. Треба време. За да се случи тоа потребно е стратешките цели на државата да ги реализираме. Јас секогаш за тоа зборувам, еве ја користам и оваа можност сега да потенцирам дека мојот сон, бидејќи сме земја којашто не излегува за жал на море, и овој недостаток треба да го претвориме во наша предност. Која е нашата предност?
Ние сме природна раскрсница на два многу значајни европски коридори, тоа се Коридорот 8 и 10. На тој начин кога ќе го заокружиме овој процес ние ќе бидеме раскрсница и на транспортниот и на железничкиот и на енергетскиот, би рекол, и на енергетската раскрсница во овој дел на Европа. И тоа е она коешто на нас треба да ни даде геостратешка предност за да можеме како држава најпрвин да бидеме во зеницата, во радарот на големите инвеститори и на големите земји“, изјави премиерот Мицкоски.
Што се однесува до Германија и она што тамо се случува, тој подвлече дека ние сега веднаш тоа нема да го почувствуваме, но таму некаде вториот квартал следната година можно е да има негативни ефекти, но не само кај нас, светот ќе има негативни ефекти, а посебно Европа.
„Затоа ние многу внимателно пристапуваме и затоа многу внимателно планираме да ги трошиме средствата коишто ги заработуваме и во централниот буџет, но и ги позајмуваме. И тоа треба да бидат трошења само во насока на вложување во инвестиции, не во јавна потрошувачка туку во инвестиции. И затоа рековме од оние половина милијарда евра пари коишто веќе се легнати на сметката на Народната банка, половина ќе бидат за компаниите, односно кредити за компаниите и веќе сме во преговори со банките, како овој процес ќе функционира во пракса за да останат истите услови, рече Мицкоски и додаде:
„Морам да кажам дека почетоците на овие преговори не се онакви какви што ние очекувавме. Но, тоа е што е. Ќе разговараме со банките па ќе видиме до каде ќе стигнеме, но во секој случај компаниите ќе ги имаат истите услови коишто ги имаше оној заем, односно 3,25% камата, 3 години грејс период и период на отплата до 12 години дополнителни. Има тука дилема кај некои од банките дали можат машините повеќе од 7 години да бидат интабулирани поради амортизацијата и така натаму.
Но, се надевам дека низ еден разговор сето ова ќе биде надминато и останатите средства ќе бидат за капитални инвестиции. Дел за општините, дел за централната влада, бидејќи не можат сите општини веднаш да ги стерилизираат овие пари во нивните инвестиции, бидејќи ќе треба време итн“.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека целта е да се даде еден драјвер на економијата преку инвестиции, реализација на капитални инвестиции и вложување од страна на компаниите во сопствени основни средства за работа.
„Така што нашата цел е да дадеме еден драјвер на економијата преку инвестиции, реализација на капитални инвестиции и вложување од страна на компаниите во сопствени основни средства за работа. На тој начин очекуваме да се зголеми продуктивноста, а со зголемување на продуктивноста да се обидеме и да го зголемите приходот и да ги подобриме перформансите на економијата.Но, да завршам, доколку очекуваме дека ние веднаш од една опција којашто сме ја имале ќе имаме наеднаш 10, 20, 50 опции, тоа е невозможно бидејќи немаме толку голем број на природни ресурси на располагање. Немаме нафта, немаме гас, не сме на море држава, така што сето ова коешто го зборував е наша стратешка како Влада определба и мој личен сон и мислам дека тоа многу скоро денеска ќе реализираме“, изјави претседателот на Владата.