Мицкоски додаде дека народот се обединува околу промените.
„Од друга страна ги слушате пораките од Мала Речица, од ДУИ, тие велат дека требало да се слуша народот. И да ние го слушаме народот, народот и во тој случај донесе правилна одлука и испрати јасна порака дека Гордана Силјановска Давкова, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има за 20% повеќе гласови отколку што имаат двајцата провладини кандидати односно владини кандидати, а тоа се Бујар Османи и Стево Пендаровски заедно. Односно 363.000 наспроти 301-302.000 од прилика колку што имаат тие двајца“ рече Мицкоски.
Тој посочи дека пораката од граѓаните е јасна, правецот по кој што треба да се движи Македонија е јасен. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата повикуваат на уште поголема поддршка од граѓаните во вториот круг.
„Заедно да ја завршиме историјата која што ја започнавме уште пред неколку години односно пред 30-тина месеци за време на локалните избори кои што се случија во 2021 година“, порача тој.
Мицкоски укажа дека на ВМРО-ДПМНЕ најважна е поддршката на народот.
„Време е заедно со вас граѓаните да ставиме точка на оваа историја, бидејќи таа точка ќе ја определи траекторијата по која што ќе се движи Македонија – дали Македонија ќе биде горда, достојна, трансформирана, онака како што сите ние сакаме да ја видиме нашата држава, или ќе биде ограбена, обесправена, понижена, омаловажена како што беше досега изминативе 6 ипол години“, додаде тој.
Тој посочи дека според резултатот од првиот круг на претседателски избори е јасно по кој пат граѓаните одлучија Македонија дека треба да се движи.
„Мојата порака е до нашите сограѓани Турци, знам дека овде Бујар Османи освои 100 гласа и знам дека прилично беа активни некои од функционерите на турската партија овде во општина Конче, и ги бараа гласовите за Бујар Османи. Јас ќе споделам со вас нешто кое што не сум го зборувал досега но мислам дека треба да се знае, а тоа е следново, претседателот на турската партија кој што подоцна заврши во прегратките на Али Ахмети, пред да заврши таму беше кај мене. И кога дојде кај мене ми рече претседателе доаѓам од средба со Али Ахмети и сакам да знаете дека на тој човек му треба медицинска нега, тој е ваков, таков, почна да го навредува и да користи недолични зборови“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека му се заблагодарил на средбата и веќе никогаш му се нема јавено за да разговараат.
„А, следниот ден од медиумите прочитав дека тој отишол во прегратките на овој за кој што велеше дека му е потребна медицинска нега. И таму потоа продолжи да функционира како политичар“, појасни Мицкоски.
Мицкоски вети дека новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ ќе направи се за да криминалците одговараат.