Во овие историски моменти, кога нашата Македонија стои пред нови избори, пред нови предизвици и пред нови одлуки, ние како народ и како политичка сила покажуваме дека сме подготвени за големи работи. Подготвени сме да бидеме генерацијата што нема да се плаши од иднината, туку ќе ја создава. Генерацијата што нема да ја бара силата во минатото, туку ќе ја покажува со дела во сегашноста, потенцираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето обраќање на Конгресот по третиот реизбор на чело на партијата.
„Денес, тука, на 18-тиот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, ние ја потврдуваме одлучноста да ја изградиме државата што ќе биде дом на сигурност, правда, достоинство и развој. Зашто држава не се гради со зборови, туку со визија. А визија нема секој. Визијата ја има оној кој ја гледа Македонија не како проблем, туку како потенцијал, не како товар, туку како мисија. Овој Конгрес не е само редовно собирање. Овој Конгрес е моментот на национално освестување, на обединување и на разбирање дека времето на Македонија дојде“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека знае дека патот нема да е лесен, но дека Македонија има сила, капацитет и народ кој многупати покажал дека знае да се издигне и да оди напред.
„Знам дека патот нема да биде лесен. Знам дека ќе има моменти кога ќе треба да донесеме тешки одлуки. Но исто така знам дека Македонија има сила, има капацитет, има народ кој многупати покажал дека знае да се издигне и да оди напред. 18-тиот Конгрес е уште една потврда дека сме единствени, фокусирани и подготвени. Македонија очекува стабилност, очекува работа, очекува резултати. И ние ќе ги испорачаме“, посочи Мицкоски.
Додаде, ја водиме државата со разум, со мирна рака, со јасен план и со целосна посветеност, исто така покажуваме дека политиката треба да биде благородна работа, а управувањето со владата, чест.
„ВМРО-ДПМНЕ покажа дека може да победи. Македонија ќе покаже дека може да успее. Нашата борба е благородна, нашата намера е чесна, а нашата победа е извесна. Затоа, да се обединиме како никогаш досега! Да застанеме рамо до рамо, да покажеме дека ВМРО-ДПМНЕ не е само партија, туку движечка сила на народот, столб на државата и гарант на иднината“, рече Мицкоски.