Секој кој ќе отвори тема за идентитетските прашања не мисли добро на соседот, а уште помалку ги почитува европските вредности, вели премиерот Мицкоски во интервју за МТВ.
Во двата договора стои дека земјите-членки треба безусловно да нè поддржуваат. Македонија никому не оспорува ништо и не сакаме нас да нè оспоруваат, порача премиерот.
„Билатералната соработка е клучна кога зборуваме за економска соработка, кога зборуваме за туризам, кога зборуваме за размена на know-how вештини, образованието итн. И тука тој процес има додадена вредност. Но, доколку билатералните разговори и преговори се донесуваат на идентитетските прашања, тогаш тука тој процес никако не може да заврши успешно, бидејќи е поврзан со емоцијата, а не со рационалното. Секој оној процес којшто е поврзан со емоцијата не може да биде процес којшто ќе се темели на напредок, на квалитет и на испорака на резултати. Затоа, замолив емотивните билатерални прашања да ги оставиме на страна и да ги читаме правилно договорите. И двата договора велат дека земјите-членки коишто се втора страна, во едниот Грција, во другиот Бугарија, треба безусловно да нè поддржуваат. Никаде во Договорот за добрососедство не стои делот којшто нас нè обврзува на уставни измени. Потребно е правилно да ги гледаме работите, на вистината да ѝ погледнеме во очи, а не онака нас како што ни одговара“, изјави премиерот Мицкоски за МРТ.
Премиерот нагласува дека и двата договори ветуваат безусловна поддршка од нашите соседи за нашиот пат кон полноправна членка во Европската унија. Вели дека билатерална соработка треба да има онаму каде што има рацио, додека билатерална соработка каде што има идентитетски прашања не доаѓа в предвид.
Целото интервју ќе се емитува во Дневникот во 17:00 часот.