Ресен е град на промените. Пролет е, а бранот на промените е видлив и голем. И промените не се апстрактен поим, туку суштествена потреба на народот кој во нив гледа спас од оваа власт. Ако најдобро може да се опише ова фатално владеење со државата во една реченица, тоа е дека на народот му се одзема државата. Народот има чувство дека нема контрола над работите, дека е кираџија во сопствениот дом, а системот е урнисан. Во својата држава до пред скоро се чекаа редици за пасоши и лични документи. Контролата на народот врз државата е одземена и тоа се гледа во фактот што криминалот и корупцијата се широко распостранети“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Ресен.
Мицкоски посочи дека е изгубена е довербата во политичарите, бидејќи народната волја е многупати изигрувана. Ништо не функционира. Македонија е одземена од рацете на граѓаните, а граѓаните со право се скептични дали може тоа да се промени тоа.
„Сетете се само за хаосот што секојдневно го доживувате околу вас: корупцијата која е толку очигледна, пациентите не се сигурни каква терапија добиваат, се заработува бескрупулозно на грбот на најранливите, непотизам насекаде, правда никаде, не само младите туку и сѐ повозрасни размислуваат да ја напуштат Македонија не гледајќи веќе ниту систем, ниту ред. СДСМ е сведена на измеќар и соучесник во сите скандали, се срамиме од нивните недостоинствени настапи низ светот, иднината и подобриот живот се далечен сон, прогласени сме за најсиромашна држава во Европа, додека државата е на врвот по сите ранг-листи на корупција, извештаите од ЕК се историски катастрофални, тие ветуваа Отворена Европа, но испорачаа затворена држава во која граѓаните немаат начин како да отпатуваат надвор од Македонија“, рече тој.
Мицкоски нагласи дека деновите кога неколкумина ја киднапираа државата мора да завршат. Мора, заедно со гордо крената глава, да се спротивставиме на тоа.
„На овие избори не одлучувате само за претседател, туку одлучувате за човек на кој можете да му доверите да ја води државата и да одлучува за вас и вашата иднина. Стево Пендаровски својот мандат го помина во озборување и коментирање на политика, наместо во водење и носење одлуки. Пендаровски би можел да коментира утакмица во фудбал, и верувам дека во тоа би бил солиден гест од негова страна, но не и да води држава. Човекот не покажа отпорност да се спротивстави на Али Ахмети, ниту на СДСМ. Се препелкаше околу францускиот предлог на крај се фалеше како тој активно придонел во неговото пишување и носење. Безличен политичар на кому му е важно да направи комбинации за да ја сочува фотелјата, но не и да се бори за иднината на државата. Причината зошто Ковачевски не ги посетува неговите митинзи освен слабиот рејтинг, е и желбата во која Пендаровски верува, а тоа е дека сака повеќе да ја има поддршката од ДУИ отколку од Ковачевски и СДСМ. Нему му е поважно ДУИ да го гласа, од тоа СДСМ да го поддржи. Тој трча по Ахмети, затоа што знае дека по поразот во првиот круг ниту ДУИ ќе го спаси во вториот. И затоа не се изјаснува што ќе прави и како ќе прави после дебаклот по првиот круг“, укажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски додаде дека народот на овие избори има јасен избор. Понудата на ВМРО-ДПМНЕ за претседател е личност со извонреден интелект и интегритет. Личност со верба во принципи и со свој став. Гордана Силјановска Давкова ќе биде гаранција и брана над сите повреди и кршења на Уставот и законите. Затоа изборот е јасен. Македонија нема време и простор за губење. Ова се избори каде се одлучува дали ќе имаме конечно средена држава или ќе останеме и понатаму во заложништво на ДУИ и СДСМ.