Македонија Божиќно интервју

Мицкоски ќе побара лидерска средба за укинување на техничката Влада и консензус за реформските закони

Да покажеме зрелост дека како политичари и како држава, можеме ете кога е предизвикот, посебно целта пред нас, а тоа е Европската Унија да разговараме отворено на сите тие теми, кои што немаме дијаметрално различни ставови, рече Мицкоски.

Мицкоски ќе побара лидерска средба за укинување на техничката Влада и консензус за реформските закони

Премиерот Христијан Мицкоски во текот на утрешниот ден ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, која би се одржала во наредните седум до десет дена, пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос. Теми на средбата би биле консензус за реформските закони и укинување на техничката влада.

Во божиќно интервју за ТВ Алфа премиерот Мицкоски рече дека очекува сите лидери на парламентарните коалиции да ја прифатат поканата за лидерска средба. Дневниот ред, како што вели, може да биде проширен и дополнет од страна на другите.

За клучните прашања за државата, Мицкоски очекува консензус од лидерствата на сите парламентарни коалиции.

-За правобранителот да разговараме. Да покажеме зрелост дека како политичари и како држава, можеме ете кога е предизвикот, посебно целта пред нас, а тоа е Европската Унија да разговараме отворено на сите тие теми, кои што немаме дијаметрално различни ставови. Нели велиме сите сме за таму, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија, имаат позитивно мислење од Канцеларијата на Европската комисија. Ајде да седнеме и да разговараме, рече Мицкоски.

Околу техничката Влада, премиерот вели дека пред минатите избори и самите СДСМ кажале дека таа пред избори повеќе не е потребна. Вели за разлика од претходно оваа Влада покажува една широчина, која што е потребна особено во период кога се говори за суштински реформи, реформи на политички систем, но и оние кои се дел од реформската агенда за пристапување кон ЕУ. Потенцира дека за дел од нив потребен е консензус.

-Пред овие избори раководството на СДСМ велеше дека тие се за бришење на техничката Влада, да видиме дали стојат на тој став. Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно, затоа што мислам дека таков тип на измени во политичкиот систем треба да се носат со консензус. Ако велиме дека техничката Влада е некаков имплант, ако велиме дека техничката Влада можеби има проблеми и со уставноста, го кочи системот, не му дава доволно простор за маневар, ајде да ги направиме и тие измени, порача Мицкоски.

To top