Интегрален текст од честитката на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани им го честитам големиот празник свети Климент Охридски, еден од втемелувачите на словенската писменост и основачот на првиот словенски универзитет.
Во времиња кога сите се соочуваме со распад на системот и на општествените и хуманите вредности, делото на светителот нека биде нашата ѕвезда водилка како да се избавиме од темнината која надвиснува врз нас.
Вербата во Бога, вербата во доброто и силната волја која светиот Климент Охридски ја покажал пред повеќе од еден милениум помогнала целиот словенски род да се избави од културниот јарем кој му бил наметнат.
Во исто време неговата непоколебливост и истрајност во делото било искрата на надеж и светлината на патот кој го водел народот низ мракот. Затоа неговиот придонес е толку голем и затоа неговото име е запишано со најсветлите букви во историјата и меморијата. Тоа е неговиот аманет кој треба да го следиме, да бидеме посветени кон добрите дела, да бидеме човекољупци пред се и ревносно да работиме за доброто на својот народ.Како прв словенски епископ, Климент Охридски го посветил својот живот на просветување и просветлување на народот, во правење епохални дела кои траат повеќе од еден милениум, и во директно соживување со својата паства и во доброто и во злото.
Живееме во времиња на предизвици, на голема сиромаштија која предизвикува безнадежност, која води кон рушење на моралните и духовните вредности на човекот.
Тоа е директен атак и кон нас како поединци и како семејства и како општество. Затоа мораме да бидеме сплотени и со сите сили и капацитети да работиме на менување на работите кон подобро. Животот е еден и тој треба да го посветиме кон градење на добри дела, кон градење на добра иднина за себе и за поколенијата после нас, но пред се кон зачувување на хуманите принципи во нашето македонско општество.
Делото на Климент Охридски својот никулец го имало во македонската земја, и затоа Македонија мора да биде и да остане најголемиот чувар на тие свети вредности.
Нека е честит празникот.Нека е вечно делото на свети Климент Охридски.
Нека е вечна Македонија.