На Одделот за физикална медицина и рехабилитација во ГОБ „8 Септември“ во Скопје ќе биде ставена во функција хипербарна комора за лекување на пациенти со хронични рани, дијабетично стопало, изгореници, но и спортисти.
Новата услуга е овозможена како проектна активност на болницата со донација од компанијата „Зегин“. Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека е благодарен што има општествено одговорни компании кои помагаат да има подобри услови за граѓаните.
„Добар ден и од мене, да се заблагодарам на интересот, да се заблагодарам на Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ за оваа донација којашто ја овозможи за болницата „8ми Септември“, многу значи, тоа е додадена вредност и единствена од ваков тип во Македонија.
Директорот кажа која е намената на оваа опрема и навистина јас сум исклучително благодарен што имаме вака општествено одговорни компании коишто на овој начин покажуваат само дека покрај тековното работење на компаниите, тие треба да бидат и општествено одговорни, и со самото тоа да направат подобри услови за живот на граѓаните во Република Македонија.

Јас сум од срце благодарен и на компанијата и на фондацијата што го препозна сето тоа и што навистина активно е општествено одговорна во Македонија како компанија.
Немам што повеќе да додадам од тоа што го кажаа и министерот и директорот, јас би сакал помалку пациенти коишто ќе имаат потреба од типот на изгореници, а повеќе пациенти од делот на спортот и слично коишто би ја користеле истата. Но, животот е таков, не знаеме што може да се случи, но сепак да се има една ваква опрема е само додадена вредност за здравствениот систем во Македонија“, изјави Мицкоски.