Премиерот Христијан Мицкоски за време на денешната посета одговараше на новинарски прашања околу заемот од 500 милиони евра и за критиките на претседателот на СДСМ, Венко Филипче дека со ова Македонија станува зависна од Унгарија, за што рече дека тие средства се потребни за финансирање на проекти на општините и поддршка на бизнисот и додаде дека додека тој е премиер никогаш нема да ја доведе Македонија во подредена положба и никогаш нема да зависи од друг суверен освен од нејзините граѓани.
„Гледам дека таму се натпреваруваат кој да биде пожесток во плукањето кон мене и кон Владата, од претендентите и од новоизбраниот претседател на СДСМ. Тоа е фолклор внатрешен нивен и јас не би го коментирал. Оваа држава како што вели тој може да биде зависна само од своите граѓани. Додека јас сум претседател на Владата, никогаш нема да дозволам да зависиме од некој друг. Можеме да зависиме само од граѓаните. Тие не плаќаат и за нив работиме. Плата земаме од буџетот којшто го полнат граѓаните и тие имаат полно право да ни кажуваат што да работиме и ние ќе им кажеме што можеме и што не можеме“, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Додека сум јас, ќе повторам премиер, никогаш нема да ја доведам Македонија во подредена положба и никогаш нема да зависи од ниту еден друг суверен освен од граѓанинот“.
Мицкоски исто така потенцираше дека 500-те милиони евра се потребни за општините и за бизнисот, односно 250 милиони евра за финансирање на проекти на општините што е многу важно за граѓаните и 250 милиони евра под истите услови ќе им бидат дадени на бизнисот.
„250 милиони евра се за бизнисот и за фирмите и велиме еве 250 милиони евра за бизнисот и за фирмите, бидејќи условите кои што тие ги имаат на пазарот се најмалку двапати полоши. Шест, 6,5 – 7% камата без грејс период, пократок период на отплата. Практично денеска е доведен така системот во бизнисот да добива кредит само оној на којшто не му треба. Тој што не му треба кредит, тој добива, а тој што му треба не може да добие, бидејќи од сертификат за раѓање па до последно му бараат за жал кога ќе поднесе барање за кредит. Еве ние велиме, еве поддршка од нас е ова како држава, како Влада веднаш на почеток. Обврската која е ваша? Обврската ваша како бизнис е барем уште толку да имате средства коишто на овие 250 милиони вие ќе ги инвестирате, а тоа се половина милијарда инвестиции, да обезбедите годишно најмалку пет илјади нововработени и да обезбедите раст на вашето производство 5% над стапката на инфлација. Под истите услови, таа е обврската којашто ќе ја бараме од бизнисот“, истакна Мицкоски.