Македонија без суд што знае да ослободи, нема демократија

Менкиноски: Вредност на слободата

Суд што се плаши да ослободи, обвинителство што ја претвора презумцијата на невиност во статистика – тоа не е правна држава, тоа е машина за казнување. Слободата не се мери со бројки, туку со храброст да се признае вистината

Менкиноски: Вредност на слободата

Слободата не е само чувство. Таа е правна состојба – гаранција дека државата нема да ти ги одземе честа, работата, иднината и телото и душата врз основа на претпоставка, на основа каде што „се зборува дека…“, на нарачки од политичко или влијателни интересни групи или на институционална мрзливост. Таа е границата што ја раздвојува власта од самоволието, силата од правото, стравот од достоинството. Во кривичната правда, таа гаранција има едно сурово, но благородно име: „ослободителна пресуда“. Тоа е една од вредностите на цивилизираното општество, кое ја вреднува слободата на поединецот како највисоко добро, пишува Тони Менкиноски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Ослободителната пресуда не е „пад на обвинителството“, ниту „пораз на системот“. Таа е момент на институционална зрелост – доказ дека државата знае да застане пред сопствената моќ и да признае дека не секое сомневање е вина, дека не секое обвинение е вистина, дека не секоја постапка мора да заврши со казна. Таа е знак дека системот умее да се запре кога доказите не се доволни, кога постапката е контаминирана, кога државната моќ отишла предалеку и почнала да го третира човекот како средство, а не како цел.
Но ослободителната пресуда има и подлабока, филозофско-социјална димензија. Слободен поединец не е само индивидуална вредност – тој е темел на прогресивно општество. Таму каде што човекот знае дека нема да биде жртвуван за статистика, за политички поени или за лажна слика на „ефикасност“, таму се раѓа доверба. А без доверба, нема ниту општествен договор, ниту солидарност, ниту развој.
Општество во кое ослободувањето се смета за слабост, неизбежно произведува послушни, но исплашени граѓани. Општество во кое ослободувањето се признава како легитимен исход на правдата, создава самосвесни, одговорни и слободни луѓе. Токму тие луѓе се носители на критичка мисла, иновација и демократска култура. Тие не живеат во страв од државата – туку во однос на заемна одговорност со неа.
И токму затоа, сериозните правни држави не се срамат од ослободителните пресуди. Тие се плашат од нивното отсуство. Затоа што таму каде што никој не се ослободува, проблемот не е во граѓаните – проблемот е во системот.
Дали слободата вреди повеќе од институционалниот „комфор“ да се осудува по инерција?
Па така, Словенија е еден од најјасните европски примери дека високите стапки на неосудување не значат хаос, туку правна зрелост. Според компаративни анализи на Европската комисија, над 70 отсто од кривичните случаи во одредени периоди не завршувале со осуда (приближно 75–76 отсто). Во таа категорија влегуваат ослободителни пресуди, отфрлања и прекини поради недоволни докази. Чешкиот правен систем бележи помеѓу 45 отсто и 50 отсто случаи што не завршуваат со осуда, неуспешното обвинение не е медиумски скандал, туку сигнал дека обвинителството мора подобро да работи. Ослободителната пресуда не ја руши довербата во судството – таа ја гради. Во Англија околу 35–40 отсто од случаите што стигнуваат до судење завршуваат без осуда. Поротата не е институционално лојална на државата – туку на стандардот „надвор од разумно сомнение“. Во Германија, моделот е поинаков, но ефектот сличен: голем број предмети воопшто не стигнуваат до судење затоа што обвинителството проценува дека доказниот праг не е доволен. Во целина, околу една третина од случаите не завршуваат со осуда, преку отфрлања, прекини или ослободувања.

Во Македонија бројките се ниски, а штетата висока и официјалните податоци за 2023 година покажуваат дека од 7.199 обвинети, 6.528 биле осудени, што значи дека околу 9,3 отсто не завршиле со осуда – преку ослободувања, отфрлања и запирања на постапка. Но суштината не е во самиот процент, туку во каков контекст се создаваат тие бројки. Кај нас, обвинението често се третира како порака, а не како правно основана акција; притворот и натаму функционира како претходна казна, а судењето – како механизам што трае толку долго што ослободителната пресуда, кога и да дојде, ризикува да остане празна сатисфакција.
Ова не е само перцепција – практиката на Европскиот суд за човекови права укажува на структурни проблеми во националното правосудство. На пример, статистичката анализа на пресудите на ЕСЧП открива дека голем дел од предметите против Република Македонија што стигнале до Стразбур се однесуваат токму на повреди поврзани со членот 6 од Конвенцијата (право на правично судење). Всушност, од вкупно 133 пресуди на ЕСЧП поврзани со Македонија до 2016 година, во 89 отсто било констатирано кршење на барем едно право гарантирано со Конвенцијата – најчесто правото на правично судење.
Тоа значи дека Стразбур, во многу предмети, не забележува само формални „технички грешки“, туку недостатоци што директно влијаат на суштината на правдата и на презумцијата на невиност, рамноправноста на странките и процесуалните гаранции.
Друг аспект на проблемот е количината предмети што чекаат на одлучување во Стразбур – само пред неколку години, 339 предмети од Македонија чекаа пресуда пред ЕСЧП, што укажува на континуитет на тужби поврзани со повреди на основни права пред домашните правосудни органи.
Овие пресуди и статистики не се само „спортски резултати“ на меѓународна сцена – тие се јасен сигнал дека во националниот систем правичната постапка уште не е доследно гарантирана за секој обвинет. Кога кредибилитетот на правната држава се мери според бројот на осудени, наместо според квалитетот на постапките и почитувањето на процесуалните гаранции, тогаш ослободувањето се доживува како проблем, а не како принцип.
А токму принципот дека државата мора да докаже – и ако не може да го стори тоа, мора да се повлече – е најчиста димензија на презумцијата на невиност и правната држава како таква.
Е, сега за оние што ќе пласираат контрааргумент – да, точно е дека во САД во 2022 година само околу 0,4 отсто од обвинетите што стигнале до судење биле ослободени. Но зошто е тоа така!? – Институтот на спогодување на вина каде што казната е драстично намалена доведува до примена на доминантен начин на решавање на кривичните предмети во САД. Околу 90  отсто од федералните случаи се решаваат преку такви спогодби, а само мал дел од обвинетите одлучуваат да одат на судење бидејќи ризикот од значително повисока казна „ако изгубат“ е реален. Во суштина, американскиот кривичен систем е „систем на спогодби“ – не затоа што слободата не е важна, туку затоа што обвинетиот често се соочува со структурен избор помеѓу несигурниот исход на судење и сигурноста на помала казна. Тоа ја прави статистиката на ослободени по судење многу ниска, но тоа не ја одразува вистинската „невина“ или „виновност“ на обвинетите – туку логиката на натпревар меѓу ризик и штета.

Вистинската вредност на слободата не се мери со тоа колку е низок процентот на ослободени, туку со тоа колку државата е способна да го почитува принципот дека сомнежот не значи вина и дека човекот не смее да биде казнет без цврсти и убедливи докази. Како што рече Џорџ Орвел, „слободата е правото да им го кажеш на луѓето она што тие не сакаат да го слушнат“ – и токму ова навистина ја дефинира слободата, вклучувајќи ја и слободата од неправедни обвиненија и пресуди.
Од Лајпциг 1933 до Скопје по 2026 година, историјата не се повторува како фарса, туку како упорно предупредување. Случајот на Георги Димитров, комунист, антифашист и човек што по мајка потекнувал од Македонија, денес се изучува како класичен пример за политички процес во кој државата однапред ја знае „вистината“, а потоа тргнува да ја докажува – без докази. Обвинет за палењето на Рајхстагот, Димитров беше симболично избран: странец, идеолошки противник и погодна фигура за нацистичката пропаганда. Процесот не беше насочен кон утврдување факти, туку кон создавање политички наратив. Судската сала беше претворена во театар, а медиумите во продолжена рака на обвинението. Токму затоа неговата ослободителна пресуда, поради целосен недостиг од докази, остана историски пораз за режимот и трајна лекција за правото. (Германските судии сѐ уште не беа инфицирани од Хитлеровиот режим.)
Истата логика, со поинаква реторика и институционална форма, се појави и во дел од современите македонски кривични предмети. Во случаите поврзани со „27 април“, како и во значаен број постапки на специјалното јавно обвинителство, квалификациите беа драматични, но доказната основа кревка. Колективната вина ја замени индивидуалната одговорност, а политичката убеденост го потисна стандардот „вон разумно сомнение“. Презумцијата на невиност, гарантирана со членот 6 од Европската конвенција за човекови права, беше поразена уште пред првото рочиште – во студијата, на прес-конференциите и во насловите.
Историјата, меѓутоа, има долга меморија. Таа покажува дека ослободителната пресуда можеби доаѓа доцна, но секогаш доаѓа како тивка, но немилосрдна пресуда за политичката злоупотреба на правото. Од Лајпциг до Скопје, заклучокот останува ист: не постојат „стари“ и „нови“ политички процеси. Постојат само добри и лоши докази. А кога државата нема докази, таа создава наратив. Но наративот, без оглед колку е гласен, никогаш не е доказ.
Во Македонија, пак, бројките на осудени можат да изгледаат „ефикасно“, но тоа е најмала загрижувачка статистика ако правичната постапка и процесуалните гаранции не се доследно применети – а тоа го потврдува и практиката на Европскиот суд за човекови права, кој во голем дел од пресудите констатира повреди на правото на фер судење и презумцијата на невиност.
Слободата не е привилегија на системот – таа е суштински принцип на правната држава. Држава што се плаши од ослободителни пресуди губи доверба, а не ја штити слободата на поединецот. Слобода без правда е само идеја; правда без слобода е само сила без смисла.

Токму затоа, третата власт мора конечно да се почувствува како трета, а не како тивка испостава на извршната. Судството не е создадено за да ја олеснува работата на обвинителството, ниту за да ја валоризира политичката волја на моменталната власт. Неговата уставна улога е далеку потешка и похрабра: да биде противтежа, коректив и последна линија на одбрана на слободата на поединецот. Кога нема докази, судот не смее да бара „излез“, компромис или наратив што ќе ја задоволи јавноста. Тој мора да ослободи. Сè друго е отстапување од правото и премин кон политика.
Македонското судство предолго живее во парадоксот на самопонижувањето – формално независно, суштински зависно; уставно силно, практично уплашено. Наместо да ја носи тежината на слободата, често ја префрла врз обвинетите, врз времето, врз Стразбур. Така третата власт престанува да биде власт и станува навика – навика секогаш да си бара господар што ќе ја води, наместо самата да го води правото.
Но без суд што знае да ослободи, нема демократија. Без суд што одбива да учествува во политички процеси, нема правна држава. И без суд што ја разбира ослободителната пресуда како чин на институционална храброст, а не како слабост, слободата останува декларација, не реалност. Одговорноста за нивото на демократија во ова општество не е апстрактна – таа има адреса. И таа адреса е токму таму каде што правдата треба да биде посилна од стравот.

Тони Менкиноски

Најнови вести од Македонија

To top