Министерството за внатрешни работи вели дека не е точно дека во Карбинци имало обид за киднапирање, туку дека машко лице поканило ученичка во автомобилот за да ја носи на кафе!
Демантот на МВР го пренесуваме во продолжение:
„МВР најостро ги демантира шпекулациите кои денеска се проширија по одредени портали, локални телевизиски станици и социјалните мрежи за наводен спречен обид за грабнување на малолетно лице во училишен двор во општина Карбинци.
Според официјалната пријава до полицијата: Денеска (05.12.2023) во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката.
Се работи на расчистување на случајот.
Пласирањето на ваквите шпекулации, од кои дел и во дневно-политички цели, е со цел да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните. Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на вакви шпекулации. Исто така, им благодариме на медиумите кои ги проверуваат информациите во надлежните институции“ – велат од МВР.