Имајќи ја предвид нашата посветеност и напорите да станеме полноправна членка на ЕУ, очекувам на Европскиот совет идната недела да добиеме препорака да продолжиме со втората Меѓувладина конференција, порача денеска вицепремиерот за европски прашање Бојан Маричиќ пред почетокот на билатералниот состанок со ЕК по „Поглавјето 31 – Заедничка надворешна и безбедносна политика“ од Кластерот 6, со чие затворање земјава го завршува скрининг процес со Унијата.
-Со ова, секој следен чекор во процесот на пристапување на нашата земја во Европската Унија, како и динамиката на преговори, ќе зависи само од нас, од донесување на уставните измени. Се наоѓаме на клучна точка во својата историја која ќе го трансформира македонското општество. Ова е еден историски момент за Северна Македонија, за Западен Балкан и за Европската Унија. Оваа шанса мораме да ја искористиме без дилема, без грижи и без страв, туку со уверување дека и тоа како ќе придонесе за просперитет на државата и граѓаните, порача Маричиќ.
Според него, одложувањето или блокирањето на процесот на преговори и членството на Македонија во ЕУ претставува опасност за нашите реформи и развој.
-Уверен сум дека со мнозинството македонски граѓани кои сакаат да ја видат Република Северна Македонија во Европската Унија во 2030 година заедно ќе успееме. Ајде заедно да ги надминеме пречките и да ја обезбедиме европската иднина за сегашните и идните генерации, истакна вицепремиерот за европски прашања.
Тој посочи дека од отворањето на преговорите детално работевме на процесот на скрининг кој денеска успешно завршува по 15 месеци, приближно 100 дена, со ангажирање на преку 1000 учесници и подготовка на 850 динамични презентации низ 206 различни институции.
-Сериозна работа која е доказ за колективната посветеност на администрацијата и граѓаните за членство во ЕУ. Овој длабински процес ја нагласува нашата посветеност темелно внатрешно подобрување и сеопфатно усогласување со европските стандарди, покажувајќи ја нашата решителност и сериозност, истакна Маричиќ.
Вицепремиерот потенцира дека до крајот на годината земјава ќе ги достави клучните документи кои се наша обврска што произлегува од Преговарачката рамка за пристапување во членство во Европската Унија, која што беше усвоена на 19 јули 2022 година. – А тоа се Патоказот за владеење на правото, Патоказот за реформа на јавната администрација, како и Акцискиот план за заштита и унапредување на правата на припадниците на малцинствата и заедниците, наведе вицепремиерот Маричиќ. (МИА)