Македонија Тирана

„Македонската нација е историски факт“ – МД „Илинден” со остра осуда за инсистирањето на Радев да се признаат непостоечки Бугари во Гора на Косово

Македонско друштво “Илинден”-Тирана го потсетува бугарското раководство дека “македонската нација е историски факт и дека нам не ни треба одобрение од други држави за да се изјасниме дека сме тоа што сме”.

„Македонската нација е историски факт“ – МД „Илинден” со остра осуда за инсистирањето на Радев да се признаат непостоечки Бугари во Гора на Косово

Македонското друштво “Илинден” – Тирана во вечерашната реакција „најостро го осудува инсистирањето на бугарскиот претседател Румен Радев да се признаат непостоечки Бугари во Гора на Косово, област каде живеат Македонци”.

-МД”Илинден” го изразува својоѕ револт затоа што официјална Софија ја продолжува својата антимакедонска пропаганда меѓу Македонците во областа Гора, Република Албанија и во Република Косово, обидувајќи се да ги претстави како “Бугари“, стои во реакцијата.

Потсетува дека многупати досега се залагале за вистината, според која Македонците во областа Гора се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ.

-Нивната самосвест е македонска, а обидите на бугарската политика да го обезличи и побугарчи ова македонско население се остваруваат со уцени за подобрување на нивниот социјален статус и економска положба со делење на бугарски пасоши, со ветувања за стипендии за студирање на младите Македонци. Цената на тие бугарски „услуги“ се сведуваат на потпишување изјава на Македонците дека се Бугари и дека и нивните предци биле Бугари. Македонците во областа Гора никогаш не биле, ниту своеволно би биле “Бугари“, се наведува во реакцијата.

Уште се оценува дека ” е срамен, недемократски и антиевропски  потегот на бугарскиот претседател Румен Радев да го уценува косовскиот политички врв да ги признае непостоечките Бугари во Република Косово”.

Секако, се посочува понатаму, ваквиот негов потег е веќе виден во Република Албанија,  каде со уцени и закани по европската иднина на државата, Бугарија наметна признавање на непостоечки Бугари во Законот за малцинства усвоен во 2017 година во Република Албанија,  иако во земјата во сите пописи од 1923  до 2011 година  ниту еден жител не се изјаснил како Бугарин.

-Македонско друштво “Илинден”-Тирана ги повикува европските институции да ги запрат уцените од страна на бугарската држава кон други држави со заканите за вето за нивната интеграција во Европската Унија. Во исто време  апелираме до Владата на Република Косово да преземе сериозни мерки во насока на поголема грижа за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во Република Косово и да не дозволи признавање на непостоечко бугарското малцинство во Република Косово, се нагласува во реакцијата.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана го потсетува бугарското раководство дека “македонската нација е историски факт и дека нам не ни треба одобрение од други држави за да се изјасниме дека сме тоа што сме”. (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top