Македонската амбасада во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) вечерва излезе со известување со кое ги информира македонските државјани во Бахреин и Кувајт за времето и начинот на нивната евакуација.
-Информација за македонските граѓани во Бахреин: Информираме дека во среда, на 11 март во 06.00 часот наутро, ќе поаѓа автобус на Flynas од Bahrein (Manama) za Riyadh – King Khaled International Airport од каде со специјален лет организиран од Владата на Македонија ќе се вратите во нашата земја, стои во известувањето на Амбасадата на Фејсбук.
-Информации за македонските граѓани во Кувајт: Информираме дека ноќта во вторник спрема среда, односно на 10 март во 12:00 часот (полноќ) со организиран превоз со автобус на Флајнас ќе се поаѓа од Kuwait Riyadh – King Khaled International Airport од каде со специјален лет организиран од страна на Владата на Македонија ќе се вратите во нашата земја, стои во објавата.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски претходно денеска информира дека во тек е координиран процес на евакуација на македонските државјани од повеќе земји на Блискиот Исток, кој, како што рече, се очекува да биде финализиран до крајот на оваа недела.
На прес-конференција во Владата, Муцунски истакна дека од првиот момент на ескалацијата на безбедносната криза е воспоставен кризен механизам преку Министерството и дипломатско-конзуларните претставништва. – Од првиот момент на ескалацијата на безбедносната криза на Блискиот Исток, Владата и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија воспоставија постојан кризен механизам. Преку формирање на кризен штаб и дипломатско-конзуларните представништва, бевме во 24-часовна комуникација со македонските државјани кои се наоѓаат во погодените подрачја, со јасна цел – нивна безбедна, навремена и организирана евакуација – рече Муцунски.
Тој додаде дека во изминатите 12 месеци ова е трета комплексна операција од ваков обем.