Согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во Македонија, месец мај годинава се карактеризира како просечно топол и нормално врнежлив со исклучок на источниот дел од државата, каде се измерени поголеми количества врнежи во споредба со многугодишните просечни вредности, информираат од УХМР.
Средномесечната температура изнесувала од 10,3°С во Лазарополе до 19,2°С во Гевгелија. Споредено со просечните мајски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), годинашната била просечна, околу 16 °С, на ниво на држава.
-Највисоката максимална температура беше измерена на 22 мај во Гевгелија и изнесуваше 30,0°С. Најниската минимална температура во текот на месецот беше измерена во Лазарополе, на 5 мај и изнесуваше 1,2 °С, соопшти УХМР.
Во мај 2024 година месечната сума на врнежи во државата варирала од 33 милиметри во Струмица до 131 милиметар во Крива Паланка.
-Максимално дневно количество на врнежи од дожд, од 33 милиметри, беше регистрирано во Охрид на 19 во месецот. На повеќе места во државата, како Велес, Куманово, Тетово и други беше забележана појава на град, нагласуваат од УХМР.
Споредено со мајската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), додаваат од УХМР, измерената месечна сума на врнежи беше просечна, поточно околу 65 милиметри на ниво на држава. (МИА)