М-НАВ, Министерството за одбрана и ЕВН договориле соработка за подобрување на снабдувањето со електрична енергија на уредите на планинскиот врв Солунска глава. На надморска височина над 2.500 метри, како резултат на променливи временски услови, соопштија денеска од М-НАВ, може да дојде до нарушување во снабдувањето со електрична енергија.
За да се избегнат и намалат ваквите настани поврзани со контролата на летовите, трите институции вчера одржале координативен состанок.
– Стабилноста на работењето на уредите за прецизно наведување на авионите е исклучително важна за безбедноста на авиосообраќајот. Досега овој сегмент бил запоставен и игнориран. Новото раководство на М-НАВ се заложи и овој сегмент од работењето на Компанијата да не биде маргинализиран. Согласно препораките на меѓународните и домашните воздухопловни власти, работиме на подигнување на безбедноста на авиосообраќајот на повисоко рамниште, во соработка со другите релевантни чинители, посебно АРМ и МВР, рекол Климент Чепуњоски, извршен директор за воздухопловна техника на М-НАВ и член на Управниот одбор.
Како што се наведува во соопштението, М-НАВ, Министерството за одбрана и ЕВН се договориле за одржување на редовни координативни средби.