СДС и Венко Филипче со двојни аршини, биле и останале. Кај нив ништо не се менува, се останува исто. Тоа се потврди и овој пат со проектот „Безбеден град“. Прво во Собрание гласаат против закони кои овозможуваат негова имплементација и со кој проект се овозможува и гарантира сообраќајната безбедност, а од друга страна велат дека тие што возат без возачка дозвола треба да се казнат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Изминатиов период јавност беше сведок како активисти на СДС кои работеле за Оливер Спасовски, дивееја по македонските градови за да продолжат за возат без возачки дозволи, и јавно се закануваа со тепање и убивање на полициски службеници, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека ваквиот насилен начин на протестирање не е демократски чин на изразување незадоволство и истиот за нив, како ВМРО-ДПМНЕ, е неприфатлив и остро го осудуваат.
-А од друга страна, СДС и Венко Филипче во Собранието гласаа против овој проект кој ја гарантира безбедноста на учесниците во сообраќајот, ги открива прекршителите на законите и прописите и ги детектира сите оние кои возат без возачки дозволи и со нерегистрирани возила. Човекот кој најгласно се спротистави на „Безбеден град“ е координатор на пратеничката група на СДС, Оливер Спасовски кој додека беше министер за внатрешни работи не направи ништо да ја зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот. Во периодот на власт на СДС и министерувањето на Филипче и Спасовски не се имплементираше ниту еден проект кој системски и на дигитален начин овозможува контрола и безбедност во сообраќајот, како „Безбеден град“, а со транспарентно санкционирање, намалување на сообраќајните прекршоци. Затоа сега, кога конечно се воведува системот кој носи ред и безбедност во сообраќајот, а еднаквост пред законот СДС и Филипче гласаат против, за од друга страна лицемерно да тврдат дека се против возење на нерегистрирани возила и без возачка дозвола, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Овде се гледа контрадикторноста, лицемерието и двојните аршини на СДС и Филипче.
-Но, на СДС, Венко Филипче и Оливер Спасовски треба да им е јасно дека проектот „Безбеден град“ ја надминува нивната партиска агенда, затоа што тој е системско решение за заштита на животите на граѓаните. И секој кој сака ред, поредок, безбедност и законите да важат еднакво за сите, безрезервно го поддржува овој проект, сè останато е политичка калкулација на сметка на животот и безбедноста на граѓаните, порачуваат од владејачката партија.