„Владеењето на криминалната коалиција на СДСМ и ДУИ беше силно казнета од граѓаните. Дојде до создавање на нова влада т.е. народна влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, токму таа Влада уште првите денови се зафати со работа“, истакна Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.
Лефков појасни дека по поразот на СДСМ на изборите се увиде дека оние кои што се најодговорни за тој пораз на партијата се сместија во удобните фотелји во Собранието.
„Во Собранието опозицијата е составена токму од оние кои што се највиновни за ситуацијата во која што е донесена државата. И тоа продолжи со изборот на нов лидер на социјалдемократите. Еден од нив можеби и највиновниот и најблискиот со Зоран Заев, се претставува како лидер на социјалдемократите“, појасни Лефков.
Лефков додаде дека човек како Венко Филипче не би требало веќе да се занимава со политика и со јавни прашања.
„Тој човек е одговорен за сите овие скандали кои што ги гледавме, како во ек на Ковид кризата набавува вакцини преку ноформираната фирма „Стабри Интернешнл“ во Хонг Конг со 2-3 вработени. И тоа ќе ве потсетам беше според документите од Централниот регистар во Хонг Конг каде што видовме дека овие вакцини се обидуваа да ги набават по цена двојно или повеќе од двојно повисока од цените кои што ги набавуваа другите држави. А, Македонија последна успеа да набави вакцини. И за жал бевме рекордери по смртноста поради руинираното здравство“, потсети Лефков.
„За волја на вистината да ја потсетиме јавноста „Стабри Интернешнл“ фирма од Хонг Конг за која што Венко Филипче имаше докази како се уплатени средства по цена од 62 долари требаше да се набават 200.000 вакцини. И ако се направи математиката дека сите останати земји купуваа по највисока цена вакцини од 30-тина долари, значи имате одредени примери каде што тие вакцини се добиваа и за цена од 15-тина долари меѓутоа еве да ја земеме цената од 30 долари, се поставува прашањето каде требало да завршат тие 6 милиони евра“, запраша Лефков.
Тој посочи дека ова е еден од низата скандали во кои што е вплеткан Венко Филипче. Тој ги напомена и скандалите кои што се поврзани со набавка на реагенси, стерилизација, скандалот со Онкологија, модуларната болница итн.
„По изборот на лидер во СДСМ, само се покажа дека оваа партија е киднапирана“, нагласи Лефков.