Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска денес ја посети Гевгелија каде заедно со градоначалникот Андон Сарамандов се приклучија на акцијата за масовно пошумување и подигање на јавната свест „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“ во рамките на која на месноста Топлик, Гевгелија се засадуваа 6000 дрвни насади.
„Министерството за животна средина ги поддржува активностите за пошумување во државата бидејќи тие се значаен ресурс од повеќе аспекти – заштита на биодивезитетот, подобрување на квалитетот на воздухот, климатските промени, заштита од ерозија и свлечишта и се важен економски ресурс“ изјави Лашкоска на настанот потенцирајќи дека обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво особено во услови кога сме соочени со многу високи летни температури и со сериозно опожарување на шумите на територијата на целата држава.
Таа упати честитки и благодарност до градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов и општина Гевгелија за одлично реализираната акција.
Во рамките на посетата на општина Гевгелија, заменик министерката Лашкоска и градоначлникот Сарамадов направија увид во реализацијата на проектот за намалување на загуби на вода со замена и инсталација на водомери заедно со инсталација и конфигурација на опрема со далечинско отчитување. Проектот го имплементира ЈКПД Комуналец Гевгелија, а е финансиски поддржан од страна на МЖСПП со средства во висина од 5 милиони денари.