Кумановските пожарникари во просториите на ТППЕ Куманово денеска со свечен прием за соработниците, претставници од повеќе општински и државни установи го одбележаа 20 мај – Денот на пожарникарите. Од почетокот на годината досега ТППЕ Куманово има реализирано околу 170 интервенции.
-Имаме доволно возила, имаме две релативно нови возила. До крајот на јуни, годинава треба да се заокружи проектот почнат од лани и да добиеме опрема за гасење шумски пожари и опрема за гасење пожари на отворен простор, но и друга опрема, средства за работа. Останува да добиеме возило за висококатници. Се обидуваме и во тој сегмент да направиме, изјави командирот на ТППЕ, Дејан Илиевски.
Кумановските пожарникари лани успешно ја завршија годината, иако имаа близу седумстотини интервенции.
Пожарникарите на ниво на државата бараат идните генерации формално да се едуцираат што во значителна мера ќе ги подобри услугите. Пожарникарите чекаат и на измените и дополнувања на законот за пожарникарство со кој ќе се стандардизира професионалноста.
Марјан Гелевски, водич на група при ТППЕ Куманово, кој работи 49 години како пожарникар вели дека има интерес од младите за оваа професија.
-Секоја работа со волја, пракса се завршува. Добро е што има интерес од младите, ние како повозрасни ги обучуваме за професијата. Од 21 година сум тука, рече Гелевски.
Кумановските пожарникари покриваат територија на Куманово и Липково со приближно 130.000 жители.