Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје денеска одлучува по жалбата на Основното јавно обвинителство – Скопје против решенија на судии од претходна постапка од 5 јануари, со кои на четири лица им определи мерки на претпазливост, за случувањата во М-НАВ.
За нападот во зградата на М-НАВ и напад на вработени, Кривичниот суд им одреди мерки за претпазливост на Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и уште три лица иако Јавното обвинителство бараше притвор, на што обвинителството поднесе жалба.
За останатите четворица, како што информираат од Обвинителство, се уште се трага по централен распис на територија на државата.
Обвинителот Дејан Петрески, во изјава за Канал 5, рече дека обвинителството останува на ставот дека Судот за овој случај треба да определи посилни мерки за четворицата осомничени.
– По повод поднесената жалба од ОЈО Скопје беше одржана јавна седница, на која Обвинителството остана на сите наводи, претходно детално образложени во предлогот за определување на мерка притвор, како единствена мерка за обезбедување присуство неопходна во оваа фаза од кривичната постапка. Детално ги образложи, како наводите во писмениот предлог, така и во наводите во жалбата и во овој момент обвинителството смета дека неопходна мерка за обезбедување присуство на осомничените во текот на кривичната постапка е токму мерката притвор, изјави Петрески.
За останатите четворица осомничени, Петрески, посочи дека активно се преземаат мерки за нивно обезбедување, но и за идентификување и на останатите лица и нивно обезбедување во текот на кривичната постапка.
Бранителот на Беким Незири, адвокатот Еленко Миланов во изјава за медиуми пред Судот, рече дека целиот настан и „фама околу настанот“ е започнат со дезинформација, а тоа е дека настанот се случил во контролната кула на М-НАВ.
– Во овој настан ниту има нешто што се случува во контролната структура, ниту има нешто што се случува во близина на таа контролна кула, ниту пак со лице кое што во тој момент требало да извршува свои обврски во контролната кула. Тоа е првото и основно што ја направи целата оваа фама и разногласие, вели тој.
Незири, посочи Миланов, се јавил во рок од половина час од поканата во полициска станица и дал изјава.
– Тој е тука. Еве и денеска се појави пред судот што јасно укажува дека ниту мисли да бега, туку сака да го докаже она што реално се случило во кое што тој нема апсолутно никаков допринос затоа што и тој настан се случува зад неговиот грб, од други лица, без негово учество, ниту пак од лице кое што влегува со него во зградата на М-НАВ, изјави Миланов.
За упадот во објектот на Контролата на летање на аеродромот во Скопје на 4 јануари годинава, владата по седницата одржана на 9 јануари даде насоки за смена на раководните функции и спроведување на вонреден инспекциски надзор и ревизија на досегашното работење, додека за инцидентот, Јавното обвинителство отвори истрага против осум лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.
Додека за дел од осомничените се трага, за четворица меѓу кои и Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ, Судот им определи мерки за претпазливост, откако не го прифати предлогот на обвинителството, поради опасност од бегство и можност да влијаат врз постапката или да го повторат делото, да им биде определена мерка притвор.
Владата, на седницата од 9 јануари даде насоки за разрешување на претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор во М-НАВ Љубе Стаменковски и му препорача на Надзорниот одбор на позицијата претседател на УО и извршен директор во СВН да го именува Хекуран Асани, а за член на УО и извршен директор во СВТ да го именува Милан Кораќ. Исто така ѝ препорача на Агенцијата за цивилно воздухоповство да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај и да го информира ресорното министерство и Владата, а исто така, го задолжи и Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на „М-НАВ“ А.Д. – Скопје.
Упадот се случи на 4 јануари веднаш по прес-конференцијата на претседателот на ССКЛ на која тој информираше дека контролори на летање и нивни помошници во М-НАВ ќе поднесат оставки од раководните позиции, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција. (МИА)