„На овие избори одлучуваме за нашата иднина и за иднината на нашата Македонија. Ова го чекавме цели 7 години и оваа шанса не смееме да ја пропуштиме. 24 април и 8 мај со заокружување на бројот 2 да ставиме крај на катастрофалните политики на владата на ДУИ и на нивните слугите од СДС“, истакна носителот на ИЕ 3 Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карбинци.
Тој истакна дека после два мандата на СДС и ДУИ, Македонија е обесправена и понижена земја.
„Денеска Македонија после два мандата на СДС и ДУИ е обесправена и понижена, задолжена и банкротирана земја. И за тоа се виновни слугата и стопанот Димитар Ковачевски и Али Ахмети. Криминалот и корупцијата цветаат, а економијата целосно крахира. Институциите повеќе не се во служба на граѓаните, туку во служба на овие неколкумина од владата на ДУИ и СДС кои очајнички се обидуваат да се спасат“, истакна Ковачки.
Тој посочи дека токму затоа ВМРО-ДПМНЕ ја нуди Платформа 1198 која се обврзува да го подобри квалитетот на живот на сите граѓани и целосно да ја трансформира Македонија.
„Ветуваме реализација на економски раст од 5 проценти, отворање на нови 55.000 нови работни места, фронт против корупцијата – проверка на имотот на судии и јавни обвинители и нивните семејства, 250 милиони евра за инвестициски бум во општините. Само во Карбинци ќе дадеме 1,8 милиони евра“, истакна Ковачки.
Тој продолжи и додаде:
„Ќе го зголемиме надоместокот за социјална заштита. Платформата 1198 се обврзува на линеарно покачување на пензиите за 5000 денари во првата година од мандатот. Ќе обезбедиме секое дете да оди во градинка, поевтини сметки за струја преку укинување на тарифата за пристап до мрежа значи за 200 денари поевтини сметки за струја, како и 800 милиони евра за македонското земјоделство, загарантиран откуп и цена на земјоделските производи“, вели Ковачки.
Тој истакна дека со Платформата 1198 во Карбинци и Таринци се обврзуваат на:
„Изградба на нова детска градинка во село Карбинци, реконструкција на постоечки канали за наводнување во Карбинци, изградба на зафат на река Брегалница, изградба на спортска сала во село Таринци, реконструкција на улици во село Таринци и Карбинци, уредување на одводен канал и многу други проекти. Што сме ставиле во програма тоа и ќе го реализираме“, дециден е Ковачки.