Тргај се од злото и прави добро
Св. Климент Охридски
Го славиме нашиот Светиклиментов ден. Ден на големиот Светец Климент Охридски, еден од најпознатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Важи за најдаровит ученик на рамноапостолите сесловенските браќа Кирил и Методиј. Живеел во втората половина на деветиот век и првата четвртина на десетиот век. Св. Климент е неповторлива и неспоредлива личност во нашата историја. Личност од која почна да се кристализира нашата национална свест. Овој наш светец со создавањето на Охридската книжевна школа, која ја раскрили во Народен Универзитет, го започна развојот на писменоста, знаењето, книжевноста и културата, сесловенска и македонска. Родоначалник на македонската книжевност, наш прв писател. Ни покажа дека нашиот јазик е многугласен јазик. Јазик многу богат. Св. Климент е и наш прв епископ. Како учител и пастир, тој е чувар на верата и моралот. Вистински покровител на јазикот и образованието.
И книжевната и световната традиција го воспеваат како наш првоучител, просветител, проповедник, епископ, присутен во спомените од минатото, но и во современиот денешен миг. Неговиот лик е мост меѓу луѓето, кои со добрина и слога ги зближувал. Неговото дело е столб на народот, кој во секоја прилика го сплотувал и обединувал. Не само што бил учен човек, туку сестрано им помагал на сиромашните и на земјоделците, калемел овошки, носел нови видови овошки, градел цркви и манастири. Познат е и по тоа што со своето проповедање, луѓето ги учел на добри работи, велејќи им дека треба да имаат добра мисла, да ја изразуваат со добар збор и да прават добри дела. Со такво дејствување тој го исцртувал својот научнофилозофски лик и хуман карактер.
Инаку, за тоа кој и каков бил св. Климент, најдобро можеме да видеме од еден анонимен негов ученик кој составил “Служба за св. Климент“. Овој пишан акт, не само што претставува химнографско достојно дело, не само што е значаен извор за делото и значењето на Климент, туку авторот покажал неверојатен осет да се доближи до стилот на светецот, и да го претстави пред јавноста и литературата, во вистинско светло. Еве само еден дел од тој текст: “Од Бога вдахновен органоне, ластовице златоуста, јазику медоточен, Клименте светителе, моли се за оние што ти чинат светол помен. Кое место не се свети со твоите молитви, светителе, а која црква не се осветила со твоите зборови. Духовна свирко, кимвалу ѕвонлив, кавалу чудесен, со златни зраци те венчаване“. Понатаму, анонимниот ученик го повикал целиот народ “Елате, со песни духовни да го восхвалуваме светлиот спомен на свети Климент, со кој што сета цква го слави просветувањето на Христа“. Овој негов ученик како да бил пророк: народот почнал да го прославува по смртта, а му се придружиле и наредните генерации, од десети век до денес.
Со право, многу одамна, д-р Вера Стојчевска-Антиќ, констатирала дека денес, од височините на Имарет, се до крајезерските населби, живее Климент Охридски секојдневно, низ преданијата, во легендите, низ историјата, а истовремено негов манастир, наспроти св. Наумовиот од другата страна на Охридското крајбреѓје, ги поврзува вистината и приказните. Тоа најдобро го предвидел далекувидниот Теофилакт, запишувајќи: “Но се повеќе и повеќе надгледувај го наследството, бидејќи сега имаш повеќе и поголема сила, отколку кога беше жив“.
Свети Климент е закрилник и патрон на македонскиот народ низ целата негова историја. Тој е патрон на Македонската Православна Црква, како и на голем број просветни и научни институции во Македонија. На него се посветени и голем број изградени цркви и манастири во Македонија, евроските и прекуокеанските земји.
Сотир Костов
