Македонија координација

Координација во Собрание за измена на законите за нови министерства

Денеска во Собранието на Македонија, по завршените парламентарни избори и конститутивната седница, ќе се одржи првата координација на претседателот Африм Гаши со претставници на партиите. Како што е најавено ќе се договараат законите поврзани со промените на министерствата во Владата.

Координација во Собрание за измена на законите за нови министерства

Денеска во Собранието на Македонија, по завршените парламентарни избори и конститутивната седница, ќе се одржи првата координација на претседателот Африм Гаши со претставници на партиите. Како што е најавено ќе се договараат законите поврзани со промените на министерствата во Владата.

Претседателот на Собранието Гаши за МИА потврдува дека ќе има средба и дека ќе се разговара за следните активности, како и за тоа кога би можело да се одржи седницата за промена на бројот на министерствата според најавите на новиот мандатар за состав на новата влада Христијан Мицкоски.

На денешната координативна седница ќе се договара динамиката на седниците на надлежните собраниски комисии, а потоа и пленарната седница.

Собранието треба да ги донесе законските измени на новиот Закон за организација на работата на органите на државната управа и според него да се изгласа новата реорганизирана влада и да бидат избрани нејзините членови. Исто така, и измените на Законот за локална самоуправа и Изборниот законик, за да се најде преодно решение, да не се распишуваат избори само за неколку месеци мандат односно до одржувањето на локални избори во целата држава наредната година, во оние општини каде градоначалници веќе станаа пратеници и ќе станат министри. За измените на овие системски закони потребно е двотретинско мнозинство.

Официјалните информации во однос на преговорите за состав на Влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ се дека разговорите се уште траат. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски во одговор на новинарско прашање на прес-конференција рече дека сѐ уште нема ништо конкретно околу составот на идната влада.

Од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова информираа дека во текот на оваа недела ќе биде доделен мандатот за новата влада од кога ќе почне да тече рокот за нејзино формирање. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверување на мандатот треба до Собранието да го достави составот на идната Влада, како и нејзината програма. Собранието, пак ја избира Владата на предлог на мандатарот и врз основа на програмата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

To top