Министерството за правда соопшти дека проверката на работата на Основниот суд Кавадарци е дел од редовните и претходно планирани активности на комисијата. Ова следи по веста дека утрото Комисијата за надзор влегла во судот во Кавадарци и вршела проверка.
„Надзорот во Основниот суд во Кавадарци е дел од редовните активности на Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС-от а беше најавен и на прес конференција од страна на министерот за правда, Кренар Лога.
Вакви надзори Комисијата во изминатиот период изврши во Управниот суд како и судовите во Куманово, Кратово, Крушево и Берово по што беа изготвени извештаи за констатираните состојби“ се вели во соопштението од министерството.
По извршениот надзор во судот во Кавадарци, како што посочуваат, Комисијата ќе изготви извештај.