Колумна на М-р Димитар Димески
Бевме точно три и пол години помлади кога во декември 2020 година Министерството за образование и наука, тогаш предводено од Мила Царовска го најави „новиот концепт за основно образование“. Оваа вест, која без никакви претходни консултации и најави ни пристигна како гром од ведро небо предизвика бурни реакции во јавноста, но и во стручната фела.
Само за потсетување, овој концепт беше решително отфрлен од голем број високообразовни и научни институции во државата, а особено гласна беше историската фела, која веднаш ги препозна потенцијалните слабости на ваквиот „нов концепт“, претставен како некаква револуционерна идеја. Една по друга се појавија реакции од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје, Институтот за национална историја (ИНИ), Филозофскиот факултет во Скопје како целина, Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Меториј“ во Скопје како најстар и најголем универзитет во државата, па дури и од претседателството на највисоката научна институција во земјава – Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), кое побара историјата да се изучува систематски и посебно.
Сепак, сите овие реакции на стручната фела тогашното раководство на Министерството за образование и наука ги оцени како спинувања, а луѓето кои реагираа како ретроградни сили кои се обединиле само за да го спречат успехот на оваа „генијална идеја“ и кои en bloc отфрлаат било какви реформи во образованието. Сепак, поради одбивањето на историската фела да ѝ даде легитимитет на оваа концепција со вклучување во пишувањето на учебници, периодот по донесувањето на оваа „реформа“ покажа дека без тие „ретроградни сили“ тешко ќе оди реализацијата на концепцијата.
И додека учениците поради суетата на МОН три години останаа без учебници, деновиве во јавноста осамна и новата наставна програма за VII одделение, која се чини покажува што сме реформирале и како во пракса изгледа овој нов концепт на изучување на историјата, спротивен на сите принципи во методиката на наставата по историја, но и на целокупната светска историска методологија.
Поради тоа, во долните редови ќе направиме компаративна анализа на оваа нова наставна програма, предвидена за модулот Историја за VII одделение и актуелната наставна програма, донесена од МОН по предлог на Бирото за развој на образованието во далечната 2004 година.
Треба да се истакне дека со оглед на временската дистанца од нејзниото донесување таа наставна програма исто така има сериозен простор за подобрување, но сепак ги задржува генералните правци на методиката во наставата по историја. Исто така, важно е да се напомене дека преку оваа анализа не претендираме да даваме легитимитет на новата концепција и токму поради тоа нема да се впуштаме во коментар на конкретните дидактички чекори и цели (иако и тука има многу што да се каже), туку на начинот на кој се третира историјата во наставната програма, која е директен резултат на концепцијата. Дополнително, анализата ќе се однесува исклучиво на модулот Историја, затоа што не претендираме ниту да излегуваме надвор од стручните компетенции и да наликуваме токму на оние кои ги критикуваме дека се впуштаат во извлекување на заклучоци за тема која не ја познаваат. Генерално, анализата ќе опфати два параметри. Прво, таа ќе ја опфати структурата на наставните програми од аспект на бројот на содржини од општа, балканска и национална историја, додека преку вториот параметар ќе се анализира концепциско-содржинската поставеност, како и научната оправданост и целисходност на содржините.
Во наставната програма за VII одделение од 2004 година, за 72 часа се предвидени вкупно 48 содржини, при што 9 припаѓаат на општата историја, 22 на балканската и 17 на националната историја. Карактеристика на оваа наставна програма, донесена во специфични општествено-политички услови е тоа што се предвидува изборност на содржините, па од наведените 48 содржини мора да се реализираат вкупно 35 содржини. Во новата наставна програма евидентно е дека се намалува бројот на наставни содржини, па наместо 48 има 25 содржини.
Притоа, интересно е тоа што бројот на содржини од трите категории на историја не бил намален рамномерно. Имено, содржините од општата историја се намалиле од 9 на 8, содржините од балканската историја од 22 се намалиле на 13, а очигледно најголема жртва на ова кратење на содржините била националната историја. Наместо досегашните 17 содржини, кои се занимаваат исклучиво со прашања од националната историја, во новата наставна прогама исклучиво националната историја е опфатена во само 4 содржини.
Треба да се напомене дека поради концепциската поставеност на новата наставна програма тешко е да се издвои која содржина припаѓа на која историја, но евидентно е дека интегрирањето и кратењето било најзастапено токму кај содржините од националната историја. Не сакаме да веруваме дека инсистирањето на интеграција токму на националната историја има некаква корелација со прашања од надворешната политика на државата, затоа што таквиот чин би можел да се толкува како внатрешно институционално содејство со желби и притисоци на надворешни фактори.
Сепак, дури и да не е така, проблематично е тоа што кратењето на националната историја доаѓа во моменти кога токму таа историја е под жесток напад на билатерално ниво од страна на една соседна држава.
Кога зборуваме за концепциско-содржинската поставеност на содржините, најпрво би потсетиле на една изјава, дадена од една од креаторките на концепцијата за национален медиум, во која призна дека не е „толку стручњак за историја“, но истовремено истакна дека немало потреба од хронолошко проучување на историјата. Резултатите од таквите иновации во поглед на изучувањето на историјата може да се забележат во оваа наставна програма, каде содржините се катастрофално лошо поставени во однос на историската хронологија, која секогаш мора да биде рационална и да овозможува полесно разбирање на историските процеси. Без хронологија настаните го губат редот и смислата и без неа не може да се разбере нивната суштина. Но, каде е проблемот со хронологијата?
Првата тема од новата наставна програма го носи името „Религиите во средниот век“ и во неа се поставени настани од историјата на христијанството и исламот. И покрај нивната должина имињата на содржините тука ќе бидат користени во целосна форма, затоа што уште преку нивното име може да се види проблемот со хронологијата. Така, прво се учи содржината Христијанската црква во средниот век (Шизма, Западна христијанска црква, Папа, Рим, Источна христијанска црква, патријарх, Константинопол, инквизиција, Галилео Галилеј, Џордано Бруно, еретички учења: Аријанско и Антиохиско), а потоа Појава и ширење на Исламот (бедуини, номади, Мека, Медина ислам, Мухамед, Коран, хиџра, Каба, Калифи, држава на Арабјаните, Багдатскиот Калифат, Илјада и една ноќ, арапски броеви, џамии). Притоа, настаните кои се наведени припаѓаат на период од VI до XVII век, односно има содржини од раниот, развиениот и доцниот среден век, кои се периоди со различни карактеристики, па затоа пракса е да се изучува најпрво раниот среден век (во Европа, па на Балканот, па во Македонија), па развиениот на сите нивоа, а дури потоа доцниот среден век.
Но, со вака поставената структура ученикот нема да има проблем со овие периоди, од едноставна причина што нема ни да знае за нив. Имено, креаторот на концепцијата ја исфрлил содржината „Општи карактеристики на средниот век“, каде целта е ученикот да го сфати духот на средниот век (ориентационо од кога до кога траел, како е поделен, какво било општественото уредување генерално, улогата на црквата, па дури и условниот карактер на самиот термин среден век).
Наместо тоа, втората тема почнува со Големата преселба на народите, па од Галилео Галилеј и неговите судири со Инквизицијата во XVII век ученикот го враќаме во IV век со Големата преселба на народите, за потоа да ги учи сите феудални кралства, без притоа да учел што е тоа феудализам. Толку од историската хронологија.
Слична ситуација имаме и во четвртата тема, која претставува иновација во однос на спојувањето на содржините и е именувана како Османлиска Империја. Тука, првата содржина е од XIII век, а последната содржина наречена „Модернизација на империјата“ (модернизација, реформа, танзимат, пошта и телеграф, железница, администрација, Махмуд II, чорбаџија, коџобашија, младотурци) опфаќа настани од крајот на XIX век, а веројатно и од почетокот на ХХ век, затоа што се споменуваат Младотурците, веројатно во контекст на Младотурската револуција од 1908 година.
Сето она што е наведено во оваа последна содржина припаѓа на нововековната историја и традиционално се учи на крајот на VIII одделение, откако претходно ќе се обработат бројни настани од светската, балканската и македонската историја на Новиот Век. Со ваквиот начин на обработка на содржините учениците ниту ќе имаат чувство за простор, ниту за време. Во однос на оваа тема оправдано може да се разговара и за тоа колку авторот ги познава настаните кои ги наведува со оглед на тоа што битките на реката Марица и на Косово Поле се наоѓаат под насловот „Создавање на Османлиската Империја“, иако кога истите се одиграле Османлиската Империја не само што постоела еден век, туку и успеала на воено-политички план да се наметне во Анадолија и започнала да го освојува Балканот.
Но, ниту тука не е крајот. Уште пострашен е фактот што во целата наставна програма нема тема во врска со Македонија. Имено, наместо досегашните 7 теми, каде имаше 2 за општата, 3 за балканската и 2 за националната историја, содржините во оваа наставна програма се поделени во четири теми, при што постојат темите: Религиите во средниот век, Европа во средниот век, Балканот во средниот век и Османлиската Империја. Содржините од историјата на Македонија се инкорпорирани во темите Балканот во средниот век и Османлиската Империја. Па така, содржината Самоилова држава (Самоил, кнез Никола, Византија, Бугарија, комитопули, кнез, цар, монарх, крунисување, востание, тетрархија, престолнина, Преспа, Охрид, битка на Беласица, благородници, Петар Делјан, Ѓорѓи Војтех) се изучува во делот Балканот во средниот век, заедно со српските, бугарските и албанските средновековни држави. Повторно не би сакале да веруваме дека изедначувањето на Самуиловата држава со другите средновековни балкански држави во оваа наставна програма е резултат на желбите и апетитите на некој надвор од границите на Македонија или дека некој внатре во државата се обидува да ја деградира националната историја. Тука повторно би можеле да се занимаваме прашања поврзани со вметнувањето на востанијата на Петар Делјан и Ѓорѓи Војтех под насловот „Самоилова држава“ (правилно Самуилова држава, царот се викал Самуил, не Самоил), затоа што како што веќе наведовме и во горните редови таков тип на забелешки има за голем број содржини, па далеку би стигнале со таквото набројување.
Во темата Балканот во средниот век се изучуваат и Дејноста на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, како и Охридската архиепископија. Карпошовото востание, пак (веројатно) ќе се изучува во темата Османлиската Империја, во содржината Отпорот против османлиската власт (ајдутин, Карпош, Сирма војвода), која според насловот од неразбирливи причини го изедначува Карпошовото востание со ајдутството и веројатно како резултат на родовата компонента во концепцијата како посебно истакнато стои и името на Сирма војвода. Со ова се врши целосно деградирање на Карпошовото востание, кое е исклучително значајно во македонската историја затоа што со него за прв пат се покажало дека населението во Македонија ќе ја искористи секоја геополитичка ситуација за да ја отфрли османлиската власт и да се ослободи, па поради тоа не можеме да го изедначиме со другите форми на отпор против османлиската власт.
Историјата е специфична наука и за нејзино правилно изучување услов што е sine qua non е историската хронологија, односно соодветната поставеност на наставните содржини. На крајот на денот, целта на изучувањето на историјата во модерна смисла е ученикот да добие слика за духот на времето, што со ваквата поставеност на наставните содржини е апсолутно неизводливо. Современата историска наука сугерира минатото да се изучува по неговите правила, односно во духот на времето кога настаните случиле.
За сето тоа потребна е историска хронологија, а тоа не го смислиле историчарите во Скопје, или било каде во Македонија, туку се работи светски позната методолошка практика. Историјата е повеќе од факти наредени во форма како за на квиз и таа се пишува не заради минатото и одамна исчезнатите луѓе, туку заради објаснување на сегашноста со помош на искуствата од минатото, кои треба да бидат поуки, сознанија и алтернативи за дејствување. Уште пострашно е тоа што, како што веќе истакнавме забележливи се тенденции за маргинализирање на националната историја, кои заслужуваат најостра осуда и предизвикуваат сериозна штета во развивањето на идните генерации ученици, а со тоа и во нашиот целокупен развој како нација и држава.
Сметаме дека горенаведените факти се доволна основа да побараме час поскоро темелно да се ревидира целокупната концепција, а ваквата наставна програма да не се употребува и да се воведе нова наставна програма, која ќе биде во согласност со потребите на модерното живеење.
М-р Димитар Димески