Македонија На Филолошкиот факултет

Комеморација за Тихомир Јанчовски

Беше професор, музичар, издавач и автор на повеќе од 30 книги, главно поезија, преводи и (поетски) романи. Избори од неговата поезија се преведени и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и на италијански јазик.  

Комеморација за Тихомир Јанчовски

На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ попладне ќе се одржи комеморација во чест на поетот, писател, преведувач и издавач Тихомир Јанчовски.

Јанчовски (1967-2026) дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во 1991 година, по што специјализирал во Будимпешта, на Катедрата за средновековни студии на Централноевропскиот универзитет. Во 2010 година магистрирал современа историја на УКИМ.

Беше професор, музичар, издавач и автор на повеќе од 30 книги, главно поезија, преводи и (поетски) романи. Избори од неговата поезија се преведени и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и на италијански јазик.

Автор е на повеќе поетски книги кои се високо ценети меѓу читателите како што се Обични зборови, 1999; Два, 2002; Последно време, 2005; Осама, 2010; О, ти, 2011; Староста може, а и не мора да се дочека, 2013; Од збор до збор (избор), 2016; Игла и конец, 2016; Godine, Buybook, 2017; The noise of Loneliness, 2018; Влакно на јазикот, 2018, Тихивање, 2019, Ден-година, 2023; Граматика на љубовта, 2024, Пристоен предлог и други песни, 2024, Пеколот е мало место, 2025. Автор е на неколку романи (Лидија, или сѐ што знам за жените, 2018; Сѐ што знам за животот, 2020; Патина, 2022), на неколку дела од доменот културната историја на православното монаштво (Св. Пантелејмон, Нерези, историја, архитектура, живопис, 2000; Пештерските цркви во Македонија (сценарио за док. филм) , 2001 и Монаштвото во Македонија (1944-2007), 2010, како и две книги за деца: Приказни за деца и животни, 2022 и Малата Мечка и Големата Мечка, 2024. Превел дваесетина дела и приредил неколку антологии.

Од 2013 до 2016 година објавувал колумни во Утрински весник, во рубриката „Рурбано“. Има издадено и книга колумни „Како ми скроија капа и други записи“ 2018. Во соработка со  Бранислав Николов, Тихомир Јанчовски го создава поетскиот перформанс „Волкот на љубовта“.

Неговиот ракопис „Камен во водата“ лани беше награден со признанието „Караманов 2025“. Јанчовски е добитник за наградата „Златна бубамара“ за најпопуларен писател во 2025 година.

Најнови вести од Македонија

To top