Македонија

Командирката која славеше унапредување со „Не може нам нико ништа, јачи смо од судбине“ доби кривична пријава

Командирката која славеше унапредување со „Не може нам нико ништа, јачи смо од судбине“ доби кривична пријава

Синдикат на македонска полиција до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Маја Комненовиќ Миленковска, вработена во МВР првично како полицајка, а потоа унапредена на работно место командир на полициското одделение Мирковци при СВР Скопје. Дејан Саздов, претседателот на Синдикатот на македонската полиција вели дека во нејзиното распоредување изоставена е систематизацијата која овде воопшто не се испочитувала и прекршен е законот. Таа унапредувањето го славеше и го облежена неодамна со видео на социјалните мрежи со торта и со песната „Не може нам нико ништа, јачи смо од судбине“ (Никој не ни може ништо, посилни сме од судбината).

Синдикатот го повика министерот Оливер Спасовски, да каже дали ќе преземе соодветни мерки или и натаму ќе тврди дека во МВР се работи според законските прописи и подзаконски акти. Саздов прашува зошто се унапредуваат кадри во МВР без да ги исполнат условите кои ги налагаат Законите и систематизацијата.

„Не е по систематизација од полицаец, да станете виш инспектор, па потоа в.д. командир. Поднесовме кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување со тоа имаме поднесено и докази, а имаме и сведоци“, вели Саздов кој го повика Обвинителството да постапи и да реагира по поднесената кривична пријава.

Се работи за случајот со унапредувањето на внуката на актуелниот градоначалник на Општина Чучер Сандево во командир на ПО Мирковци. Таа беше актуелна со видеото на социјалните мрежи на кои ја пее „Не може нам нико ништа, јачи смо од судбине“ пред специјално изработена торта за унапредувањето додека и дава пари на музиката.

СМП тврди дека станува збор за сомневања за злоупотреба на службена положба и овластување со цел на стекнување корист за себе и друг, а на штета на други (вработени).

„Пријавената раководителка постапила надвор од границите на своето овластување со кое во никој случај не смеела и не можела да супсумира сила која е појака од Законот за јавните набавки, Правилникот за распределба,користење, одржување и обновувања на возилата на МВР и Законот за спречување на корупција. Со ваквото непрофесионално дејствие, командирот при искористување на функцијата постапила спротивно на членовите 7, 10 и 14 од Законот за внатрешни работи“, соопштија денес од СМП.

To top