Абре студенти/членови на партии, така ли сакате да бидете лидери и херои? Така ли ќе водите и управувате? На далечинско, со римоут контрол, подучувани, насочувани и раководени од сомнителни и деструктивни странски елементи. Тоа е срамно. Тие ве учат, а вие гледам и слушам, ука не фаќате. Тоа е бедно. Бескруполозно е да искористувате трагична смрт на 59 невини млади луѓе, да злоупотребувате околу 200 тешко повредени. И сето тоа за ваши недефинирани пленуми, “шарени револуции“(чист нихилизам потврден од нејзините инспиратори, организатори и “децата“ што ги изроди). Тоа докажано и потврдено е бесчувствително.
Со ваков срам, со мизерна беда и со зачудувачка бесчувствителност не се станува студентски лидер, ниту пак херој на времето. Херојството подразбира храброст, а лидерството, пред се, човечност. Вие, како што видовме немате, ниту храброст, ниту човечност.
Се прашувам какви луѓе сте(кога не мислите со своја глава)? Не можам да сфатам и да најдам разбирање зошто ја злоупотребувате и така тешката состојба(голем број загинати, уште поголем број тешко повредени)? Па толку ли сакате тешкото денешно време да го направите време-невреме? Каков ви е тој порив деструктивно да влијаете на другите луѓе, од како вас веќе ве обработија докажани деструктивци?(во смисла “бидете дел од пленум, не поединци и не членови на партија) Имате ли вие таканаречени пленумци(а попознати како “шарени“ и “црвени“) вредности и вредносен систем? Каде ви е честа? Мислам на честа пред луѓе од друга држава. Покажете почит, како кон себе, така и кон трагедијата, изгубените животи, повредените, родителите нивни и блиските.
Имате ли чувства и емоции? Не знам, не сум сигурен, разочаран сум од тоа што го гледам од вас. И моја површна анализа ми покажува дека етосот(вашиот кредибилитет ви е беден и не влева доверба – се гледа ја немате). Патосот пак во најмала рака ви е чуден, непримерен – не покажувате емоции и чувства и други ви ги “насадуваат“, луѓе што ниту ги познавате, ниту ги знаете нивни намери, дали се чесни, нечесни и деструктивни, што би рекле задни намери. Повеќе од очигледно е дека ви ја искористуваат несигурноста, неснаоѓањето и збунетоста. Тоа е злочин, злочин кон вас, и кон сите други во нашата држава. Сакаат да бидете како нив, да прелеете немир, насилство и деструкција, од кај нив, кај нас, во Македонија. А Македонија тагува, со мака во душата и болка во срцето. И на крај логосот(зборот) ви е никаков. Ама буквално никаков. Немате мисла, зборувате испрекинато и неповрзано, едноставно не знаете што зборувате. Употребете соодветна логика и прилагоден конструктивен резон што да зборите и како да се однесувате, а не други да ве влечат за нос.
Имате ли вие бре заблудени, заведени и залутани Божји чеда цел. Зошто не знаете сами да си го најдете патот до неа? Мора ли некоја келија на српските КАНВАСИ да ви кажува што и како да правете? Толку ли сте невешти? Зошто барате далечински да ве насочуваат? Срамно е така да ве диригираат. Ќе ве одведат во ќорсокак. А таму ништо добро не можете да постигнете.
Што е, не знаете сами да се борите за правда и да повикувате на одговорност? Па тоа е толку едноставно – треба само да размислувате со својата глава. Да го вклучите рациото, да сте свесни за чувствителноста на состојбата, за трагичноста на загинувањето на нашите 59 сограѓани, чеда на Македонија.
Голем дел од мојот живот поминав во работа со млади. Од мојата шеснаесетта година(1973г.), па до триесетата(1987г.) работев со средношколци, студенти и млади од Македонија и бившата СФРЈ. Подоцна од 1998г. па до денес, активно работам(едуцирам, тренирам и обучувам млади) со млади лидери во сите области од општествениот живот. Сум ги видел(на телевизија) студентските демонстарции од 1968-та, сум сведочел на студентските демонстарции од седумдесетите(во СФРЈ) и деведесетите(во Република Македонија), ама вакво недостоинство(кон себе и останатите) и нечувствителност и неодговорност од млади луѓе не сум видел, освен, секако во “шарената револуција“, која ни нанесе големо зло, ни го подели општеството и штетите и раните и ден-денес ги чувствуваме. Почитувани студенти, немој да бидете заведени и размислувајте со своја глава.
Сотир Костов
П.С.Колумната ниту со еден збор не се однесува на илјадниците студенти и средношколци(полнолетни) кои достоинствено се собираа/т и изразуваа/т жал и непребол, туку на студентите, кои според видеото што го видов, и тие самите не знаат кои се и што сакаат да направат.