Денешниве деца, покрај тоа што не знаат да чекаат, не можат да разберат само еден збор: зборот „нема“. Сите други зборови, дури и на сите други јазици ги разбираат, зашто се бистри и опкружени со „паметни“ уреди што ги учат странски јазици. „Нема“ за нив е само означител зад кој нема поим, пишува Венко Андоновски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Летоска, на море, навечер, во апартманот снема струја. Снема не само во куќата, не само во таа улица, туку во целото гратче. Синовите (девет и седум години) останаа како попарени – играа некои игрички, кога одеднаш снема интернет. И почнаа да протестираат, да критикуваат: е кај сме нашле баш тука да уплатиме, па затоа било евтино, па затоа снемало и завчера струја (за среќа, тогаш прекинот беше додека бевме на плажа, кога не играат игрички). Се обидов да им објаснам дека кога јас бев дете, тоа се случуваше многу често: имаше еднофазна, а не трофазна струја и мрежата беше многу кревка. А потоа им реков дека имаше и чести рестрикции, а според нивните лица, сфатив дека не ме разбираат. Иако го знаат значењето на зборот „рестрикција“, очигледно не сфаќаат дека нешто немало доволно за сите, па морало и да се штеди. „Како тоа немало доволно струја?“, прашаа. И јас сфатив дека тие се, според логиката што ја користат, вистински и консументи и продуценти на потрошувачкото општество: ако нешто нема, треба да се прошири производството. Така и ми рекоа: „Колку биле глупави! Па ако за една населба не е доволна една хидроцентрала, требало да изградат уште десет, за да им продаваат струја и на другите населби“. Тука клучен збор е „продаваат“.
Кога го поставија прашањето „И што да правиме сега?“, станав свесен дека тие се целосни зависници од уредите. Да работеше интернетот, ним воопшто немаше да им пречи тоа што во собата е темно. Целосно се исклучени од животот кога се со уредите. Често им поставувам прашања додека играат, а тие воопшто не реагираат. Јас тогаш се шегувам, имитирајќи го гласот на онаа автоматска секретарка од мобилната телефонија: „Претплатникот не е достапен во моментов или е надвор од мрежно покривање“. Им реков да земат книга и да читаат под свеќа, како Кочо Рацин. Ме гледаа како да сум нетокму. „Ние тоа правевме кога имаше рестрикции“, им реков. „Па затоа носиш очила“, рече малиот. Тогаш им реков дека ние се радувавме кога ќе снема струја и кога ќе се запалат свеќите, затоа што игравме „сенки“. И потоа им покажав како се прават сенки на ѕидот. Научија со дланките и со свивање одредени прсти да прават сенка во форма на пајка, зајак, куче, ѓавол, ѓеврек, па едно време се бореа пајката и кучето, а ѓаволот ги бркаше зашто сакаше да го изеде ѓеврекот. Првите пет минути покажаа интерес, но потоа, навикнати на виртуелните стварности и хиперреалностите, интересот им спласна. „Па и не личи баш на куче“, рече постариот. Па како да личи, си помислив, кога во вашите игри имате болиди на формула 1 што изгледаат поствaрни од оние во стварноста?
И бидејќи струјата не доаѓаше, поминав на друга приказна на темата „Нема“, за да им го создадам поимот на немањето. Им реков дека едно време, кога бев дете, немаше доволно нафта и бензин, па луѓето ги возеа автомобилите според принципот пар-непар. Ако табличката на автомобилот завршува на парен број, смееш да возиш само во парни денови; ако завршува на непарен број, смееш да возиш во непарни денови. Им раскажав и дека кога ќе дојдеше цистерна со нафта на бензинската станица, се правеше километарски ред од луѓе, кои во канти од по 25 литри чекаа по цел ден за да наточат нафта. Им кажав и дека не дозволуваа да дојдеш со буре или да наполниш повеќе од две канти, за да има за сите. Следуваше прашањето: „А зошто ви требала нафта?“, од што сфатив дека моите деца воопшто немаат поим дека некој им го обезбедува затоплувањето зиме: имаат централно греење, имаат инвертер-клима, ама не знаат што е тоа нафтена печка, па морав и тоа да им го објаснувам. „Тоа мора да смрдело“, рече едниот. Им кажав дека не само што смрдело кога ќе се истури при полнењето на резервоарот туку и дека често викавме мајстор за да ја поправа печката, зашто нафтата капеше токму на местото каде што цревото влегуваше во горилникот, па се ставаа азбестни плочки за да се спречи тоа истекување. Една Нова година, се сеќавам, прозорците беа повеќе отворени одошто затворени поради силниот мирис на нафтата, која течеше од цревото. Не покажаа многу интерес за таа технологија, па поминав на емпатија: им реков (што е чиста вистина) дека со часови сум чекал со татко ми на бензинската станица и дека се менувавме на два часа, за да се потстоплиме дома. Потоа, стоплениот се враќаше во редот за да го одмени измрзнатиот, зашто температурите беа минусни. „Страшно“, беше коментарот, и во тој момент дојде струјата. Децата си се вратија на своите игрички, нормално, ставајќи го „ад акта“ тоа „страшно“ што сум го доживеал.
Не инсистирав понатаму да ме сожалуваат. Си помислив – можеби е и подобро да престанам да им кажувам како било. Нема да ги научам на поимот „нема“, зашто тие живеат во консумеризам, каде што тој поим не постои: пазарот е семоќен бог и кој има пари, не може да се соочи со зборот „нема“. Освен тоа, денешниве луѓе сè почесто пазарат „онлајн“: ако нема нешто во некоја продавница, бараш на интернет друга од истата фирма, па таму наоѓаш точен податок – го има ли тоа што го бараш, па дури и колку такви нешта има „на располагање“. Потоа можеш и да нарачаш да ти го донесат дома. Да ти го испорачаат. Порано требаше да одиш до продавница за да видиш дали воопшто го има тоа што го бараш.
Прснаа во смеа, од што ми се врати расположението: нека се дружат со паметни уреди, ама само нека не ја загубат смислата за хумор. Зашто сè може да биде дигитално и артифициелно, освен смеата и плачот. Кој се смее и кој плаче, тој е човек. Другото е АИ, струја, електрони. За жал, дојде време кога и таа разлика треба да се објаснува.