Македонија Вила Водно

Колективна оставка од Комисијата за помилување, Сиљановска Давкова најавува консултации за нов состав и слабостите во системот

Одлуките за помилување на Претседателот на државата се по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на Претседателот.

Колективна оставка од Комисијата за помилување, Сиљановска Давкова најавува консултации за нов состав и слабостите во системот

Комисијата за помилување синоќа си поднесе колективна оставка, која беше експресно прифатена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Оставките следуваат по реакциите во јавноста што ги предизвика одлуката за помилувања на неколку осуденици од страна на претседателката на 23 октомври.

За колективната оставка на Комисијата информираше професорот Гордан Калајџиев на Фејсбук наведувајќи дека оставката ја поднесуваат од лични и професионални принципи.

– Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи, стои во објвата на Фејсбук потпишана од проф.др Методија Каневчев, проф.др. Гордан Калајџиев, проф.др. Арлинда Кадри Шахиновиќ, др. Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири.

Од Кабинетот на Сиљановска-Давкова информираа дека претседателката ја прифатила оставката и дека во следниот период ќе изврши консултации за новиот состав на Комисијата, како и за институционалните и законски слабости што постојат во системот за помилување на осудени лица.

– Членовите на Комисијата за помилување денеска ја информираа претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека поднесуваат колективна оставка од позициите во Комисијата. Одлуката за поднесување на колективна оставка од Комисијата за помилување членовите ја донеле во согласност со нивните лични и професионални принципи. Претседателката Сиљановска Давкова ја прифати оставката поднесена од проф. д-р Методија Каневчев, проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири, стои во соопштението.

Претседателката Сиљановска Давкова по повод празникот 23 Октомври, по препорака на Комисијата за помилување помилува десет осуденици. Одлуката беше објавена во Службен весник на 22 октомври, а неколку имиња кои се најдоа на листата на помилуваните предизвикаа жестока реакција во јавноста – поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, Марјан Ефремов, првообвинет во аферата „Шпион“, Шенол Маслани од скопско Арачиново, брат на Шенаси Маслани, познат како Шенки Версаче и Акиф Равманоски кој се поврзува со криминалната група „Барон“ од Арачиново. Равманоски при пуштањето од затворот Идризово веднаш беше уапсен под сомневање за извршен обид за убиство.

Според опозициската СДСМ, оставката на Комисијата е само уште една потврда за одговорноста на Сиљановска Давкова која таа треба да се одважи и да ја преземе.

– Повеќе од јасно е дека таа ги дава помилувањата и последната одлука е токму нејзина. Наместо да се кријат таа и Мицкоски зад Комисијата, треба да излезат и да кажат во каков договор се со помилуваните нарко босови. Нарко босовите лично и се заблагодарија на Силјановска за помилувањата и ниедна оставка не може да ја спаси од одговорност. Обидот на Мицкоски да ја префрли вината на СДСМ пак е доказ за манипулациите и лагите на кои е спремен премиерот кога е фатен во тесно, стои во соопштението во кое СДСМ ги повика Мицкоски и Сиљановска да им се извинат на граѓаните.

Професорот Гордан Калајџиев во телевизиско гостување во петокот изјави дека Комисијата за помилување добила над 100 предлози за помилување од претходниот министер за правда Кренар Лога и дека од нив одбрале 10 врз основа на критериумите што ги имаат, но и дека ги немале досиејата на осудениците.

– Имаме критериуми, тие се неформални, некои од нив дури ги имаме и на хартија. Иако законот го укина Уставен суд да не може за убиство, педофилија, обид за убиство итн, овој што е најспорниот, никој не го знаеше дека е Барон или што било. Еден од тие другите имаше многу повеќе оружје. Ние гледаме да е добар во затвор. По правило се гледа добро поведение, и во главно посебни причини се гледаат кај помилувањето секогаш, не е само добро поведение, старост. Староста јас ја форсирам, другите не, јас сметам дека луѓе над 70 години во вакви затвори не смеат да одат во затвор. Услови во семејство како болест кај дете, а тој самохран родител, болни родители, а нема кој да ги издржува, мајки на деца што се самохрани, особено болест на деца. Тоа беше причина за помилувањето на Ефремов, рече Калајџиев.

Свој став за помислувањата вчера изнесе и премиерот Христијан Мицкоски според кого овој случај е оставен од претходната Влада со цел да имплодира во овој период.

– Тој случај е од минатото, од претходната Влада, снесен како кукавичко јајце, коешто треба да имплодира во овој период. Тоа што имаше да каже Комисијата, го слушаме по медиумите, луѓето кои се дел од таа Комисија се присутни на медиумите. Добив информации од МВР дека едно од лицата кои беа предмет на измена на судска одлука е повторно приведено. Добив информација дека има уште неколку дела коишто се поврзани со ова лице. Нема да одам чекор понатаму да коментирам и да прејудицирам судски одлуки. Јас сум човек легалист, верувам во презумпција на невиност, но она кое што го знам е дека истото лице веќе доби 30-дневен притвор. Оставам на правосудните органи понатаму да одлучат како да постапуваат за други случаи каде што постои основано сомнение за сторен криминал, изјави Мицкоски.

По реакциите во јавноста за неколку имиња кои се најдоа на листата на помилувани, во петокот во „Вила Водно“ претседателката Сиљановска – Давкова свика состанок на Комисијата за помилување, но по состанокот немаше никаква официјална информација.

Министерот за правда Игор Филков во петокот во изјава за медиумите рече дека е потребно освежување на Комисијата за помилување.

– Не смееме да дозволиме помилувањето да биде предмет на дневнополитички игри и препукувања, а нас тоа ни се случува. Еднаш веќе осудени лица треба да ги пратиме на ресоцијализација. Не можеме повторно да ги судиме во јавноста, изјави Филков по посетата на Казнено поправниот дом од отворен вид во Струга.

Тој појасни дека Министерството за правда не помилува, туку може да даде само препорака за намалување на казната од еден до шест месеци. Препораката оди кај претседателот на државата, односно кај Комисијата. Министерството за правда, како што појасни Филков, има еден член и тој нема право на глас, односно не гласа.

Одлуките за помилување на Претседателот на државата се по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на Претседателот. (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top