Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, вели дека јавната расправа за минималната плата во земјава е оптоварена со погрешни споредби и неточни заклучоци, при што, како што оценува, се „мешаат баби и жаби“. Во контекст на барањата минималната плата да достигне 600 евра нето и тврдењата дека Македонија е на дното во регионот, Клековски посочува дека клучниот проблем лежи во мешањето на нето и бруто платите, како и во игнорирањето на паритетот на куповна моќ.
Тој потсетува дека Евростат, како релевантна европска институција, при споредбите користи бруто плати, а не нето, токму за да се избегне влијанието на различните даночни и социјални системи во земјите. Како пример ја наведува Црна Гора, која често се посочува како лидер во регионот со минимална плата од 600 евра, но само во нето износ. Во бруто израз, објаснува Клековски, минималната плата во Црна Гора изнесува околу 670 евра, додека во Македонија 586 евра, што покажува дека земјава не е на дното, како што често се тврди.
Разликата, според него, произлегува од структурата на даноците и придонесите. Во Црна Гора, придонесот за здравствено осигурување е нула проценти, пензискиот придонес е 10 проценти, а персоналниот данок за плати до 700 евра е нула, што е значително пониско отколку во Македонија. Од друга страна, таму данокот на додадена вредност е 21 процент, наспроти 18 проценти кај нас. Клековски нагласува дека и Македонија би можела административно да ги зголеми платите преку намалување на придонесите и даноците, но тоа би значело повисок ДДВ и поскапување на животот.
Токму затоа, како втор клучен концепт, тој го посочува паритетот на куповна моќ, кој покажува колку реално може да се купи со одредена плата, земајќи ги предвид цените и трошоците за живот. Според овие пресметки, минималната бруто плата во Македонија изразена преку паритет на куповна моќ изнесува околу 1.069 евра, што ја позиционира земјава во средната група држави и далеку од дното. Клековски посочува дека Македонија, според оваа методологија, се искачува од 26. на 20. место меѓу земјите на ЕУ и кандидатите и е пред Црна Гора, Бугарија, Чешка, Латвија и Естонија.
Тој предупредува дека минимална нето плата од 600 евра би ја позиционирала Македонија во највисоката група според паритет на куповна моќ, рамо до рамо со економии како Германија и Холандија, што, според него, не одговара на реалното ниво на продуктивност во земјата. Клековски потсетува дека анализите за продуктивноста упатуваат на проблеми како лоша инфраструктура, бирократија, слаби институции и корупција, но истовремено укажува на фактот дека извозно ориентираните и странските компании во Македонија имаат и до четири пати повисока продуктивност од просекот.
Заклучокот на Клековски е дека суштинската дебата не треба да се води околу номинални бројки и споредби без контекст, туку околу тоа како да се зголеми продуктивноста на најголемиот дел од домашната економија. Дури тогаш, оценува тој, разговорот за значително повисока минимална плата ќе биде реален и одржлив, без да создаде дополнителни економски шокови.