Го прочитав денешното соопштение на СДСМ и впечатокот е ист како и многупати досега: повеќе политичка драматизација отколку сериозна аргументација. Никој не спори дека постојат теми за кои јавноста треба да биде внимателна од евентуалното прекумерно унгарско влијание, до економските и стратешките интереси во телекомуникациите и енергетиката. Тоа се легитимни прашања и заслужуваат одговори.
Но таму каде што СДСМ најмногу напаѓа, таму најмалку докажува.
Кога ќе се тврди дека нечија посета имала цел да договори враќање на Груевски, тоа веќе не е политички став туку сериозно обвинување. А за сериозни обвинувања не се доволни алузии, туку докази.
Кога ќе се каже дека некој ја презел контролата врз судството и обвинителството, тогаш јавноста очекува конкретни факти, конкретни механизми и конкретни примери не само политички впечаток и желба претворена во „лична вистина“.
Кога ќе се фрли бројка дека 40% од медиумите се ставени под контрола, тогаш мора да има извор, анализа и аргумент. Во спротивно, тоа не е факт, туку порака дизајнирана да создаде страв и впечаток на целосна окупација.
И конечно, кога едно соопштение завршува со реторички конструкции од типот „дали да очекуваме и Орбан да дојде во Македонија заедно со Груевски“, тогаш веќе станува јасно дека целта не е информирање на јавноста, туку политичка сензација.
На Република Македонија и треба сериозна дебата, а не политички есеи со драмски заплет.
Затоа, ако имаат факти, нека ги објават. Ако имаат докази, нека ги презентираат. А акоо немаат, а сè поизвесно е дека немаат, тогаш ваквите соопштенија не зборуваат за реалната состојба, туку за нивната политичка безидејност, нервоза и очигледен недостаток на што било друго освен богат вокабулар на навреди, инсинуации и конструкции.
Проф. д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ