Македонија Постојан претставник на САД во ОБСЕ

Карпентер: Лавров во Скопје уште еднаш фрли вина на другите

-Седењето на страна од таа маса има повеќе разумна смисла, освен ако некој не сака мазохизам, кажа Карпентер.

Карпентер: Лавров во Скопје уште еднаш фрли вина на другите

Лавров уште еднаш фрли вина на другите, изјави денеска постојаниот претставник на САД во ОБСЕ, Мајкл Карпентер, на прашање на МИА да ја искоментира изјавата дадена на прес-конференција во Скопје на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, дека „сите проблеми со кои се соочува Балканот потекнуваат од Западот, уште од времето на распаѓањето на поранешна Југославија“.

-Со сета должна почит кон него, господинот Лавров уште еднаш фрли вина на другите, ја има усовршено таа уметност. Би било соодветно да направи поголема интроспекција на руското малигно влијание врз повеќето демократски држави, вклучително и на Западен Балкан, каде што е тоа нагласено, кажа Карпентер на прес-конференција во рамки на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.

На прашањето, пак, да ја искоментира изјавата на Лавров, дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен и Жозеп Борел „кукавички избегале од состанокот со него“, Карпентер рече дека „никој не сака да седи на маса со Лавров и да слуша лаги и дезинформации и пропаганда“.

-Седењето на страна од таа маса има повеќе разумна смисла, освен ако некој не сака мазохизам, кажа Карпентер.

Во однос на тоа дали очекува натамошни блокади и вета во ОБСЕ, со оглед дека Малта сега го презема претседавањето, Карпентер кажа дека ОБСЕ ќе продолжи да функционира и оти ова е Организација изградена врз консензус и е воспоставена како алатка за соработка.

-Иако овие денови тоа е многу тешко бидејќи Русија ги поткопува оснвните принципи на меѓународиот поредок. Но ние ќе дадеме се од себе за да најдеме креативни решенија за проблемите за да постигнеме резултати, кажа Карпентер на прес-конференцијата.

Во однос на Косово, Карпентер изјави дека нема промена на политиката на САД во поглед на Косово.

-Го поддржуваме Косово како демократска и независна држава, ги поддржуваме разговорите за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, сметаме дека тоа е важно за регионот, за безбедноста и стабилноста. Ќе продолжиме да работиме со ЕУ за да ја постигнеме таа цел и со нашите пријатели во Косово, каде што има функционална демократска држава којашто ја поддржуваме од нејзината независност, рече Карпентер на прес-конференција во Скопје.  (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top