Дефинитивно, 20204-та е година на успех на македонските граѓани, под македонски граѓани мислам на сите – и на етничките заедници и на мнозинскиот народ, потенцира проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска во „Наткаст“ со Љупчо Цветановски.
-Македонските граѓани покажаа дека навистина знаат да одговорат вистински, на место со голем легитимитет кога тоа се бара и очекува од нив, кога тие самите се свесни дека веќе нема ништо да испорача онаа владејачка која беше седум години и повеќе како техничка власт во која некои министри останаа и повеќе од девет години на власт, така што имам чувство дека најпозитивното што се случи 2024-та година дефинитивно се изборите – и парламентарните и претседателските, имавме огромна поддршка на македонската претседателка – над 560.000 гласа кои ги дадоа граѓаните за претседателката, тоа е огромна одговорност која што самата е свесна дека ја носи и мислам дека добро се справува со неа. Исто така една голема победа на тогашната опозиција и сегашна власт, тоа покажува една голема мудрост и зрелост на македонските граѓани, дека знаат да проценат и знаат да казнат, дека знаат дабоценат кој може да ја носи државата кон подобри времиња.
Најнегативна секако е власта која изгуби на изборите, бидејќи таа ни ги направи сите зулуми, сите проблеми и на надворешен и на внатрешен план. И покрај тоа што укажувавме, упатувавме, дававме забелешки и велевме дека имаме и други алтернативи, да не прифаќаат такви договори, такви протоколи и заклучоци кои потоа прозлегоа од европските институции, многу работи ги промашија на надворешен план, а сето тоа се одрази и на внатрешен план, некако без план, без стратегија и визија за тоа каде ја носиме државата, бидејќи не е работата само да зборувате за ЕУ и да се затскривате зад неа и дека се што правите – правите наводно за доброто на граѓаните затоа што кога ќе влеземе во ЕУ ќе тече мед и млеко, не е тоа поентата, тоа може и 20-годишни да ја верглаат. Поентата е во креирање политики кои прво ќе го заштитат вашиот национален идентитет, македонскиот идентитет и јазик и се она што оди со нив, македонска ДНК би рекла, и притоа со аргументи и позитивни акции да укажувате на тоа како треба Македонија да пристапи во ЕУ. Бидејќи, ако го изгубите сопствениот идентитет – со што ќе бидете вие различни во тоа семејство?“ вели Каракамишева-Јовановска за најнегативниот и најпозитивниот настан во минатата година.