Македонија нови членови

Камбовски: Верувам дека претседателката избрала вистински професионалци кои ќе придонесат во работата на Судскиот совет

Камбовски: Верувам дека претседателката избрала вистински професионалци кои ќе придонесат во работата на Судскиот совет

Верувам дека претседателката на државата избрала вистински професионалци кои ќе придонесат во работата на Судскиот совет, истакна денеска во изјава за медиуми, претседателот на републичкиот Судски совет, Александар Камбовски.

Тој беше прашан што мисли за предложените имиња од претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, што треба да влезат во собраниска процедура.

– Кандидатите од претседателката ги дознавме како и сите – од медиумите. Претседателката е пред сè, правник, професор и не се сомневам во нејзиниот избор и верувам дека одбрала вистински професионалци, коишто ќе придонесат во работата на Судскиот совет. Секако, доколку ја добијат довербата од Собранието, одговори Камбовски на новинарско прашање.

За новиот Закон за судски совет, тој рече дека се надеваат оти ќе придонесе за поефикасно работење.

– Секако дека се надеваме дека ќе придонесе за поефикасно работење. Јас учествував во работната група и колегите сега сите веќе го имаат законот, мислам – финалната верзија што беше усвоена. Го анализираме повторно, гледаме кои нешта ќе бидат променети и оптимист сум дека ќе имаме квалитетна промена во работењето на Судскиот совет, одговори Камбовски.

Во Собранието беа доставени материјалите за избор на Сузана Јошевска – Анастасовска и Арлинда Кадри – Шахиновиќ за членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија на предлог на претседателката Сиљановска – Давкова.

Кадри – Шахиновиќ е универзитетска професорка со долгогодишна академска кариера на Факултетот за правни и политички науки при ФОН и МИТ Универзитет, а во јавноста е позната и како поранешен член на Комисијата за помилување. Јошевска – Анастасовска е адвокатка со повеќегодишна пракса, особено во кривични предмети.

Најнови вести од Македонија

To top