Македонија

ЈО за случајот М-НАВ: Обвинителството ги приложи сите докази до Судот и детално образложи зошто одлуката е неоснована

ЈО за случајот М-НАВ: Обвинителството ги приложи сите докази до Судот и детално образложи зошто одлуката е неоснована

Јавниот обвинител во својата жалба до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје детално ги образложи причините поради кои смета дека одлуката на судијата на претходна постапка да не определи мерка притвор за осомничените во случајот со М-НАВ е неоснована, информираат од Јавното обвинителство.

-Обвинителството ги има и ги приложи сите докази дека постои реална опасност четворицата осомничени кои се лишени од слобода да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци (вклучувајќи ги и оштетените, но и осомничените кои се уште се недостапни), како и да го повторат делото. Во однос на обележјата на кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од КЗ опишано во ставот 2 oд тој член, тие се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување, информираат од Јавното обвинителство.

Од Основен кривичен суд Скопје по реакциите кои произлегоа од неправосилните одлуки на Судот за случувањата во М-НАВ, денеска излезе со соопштение дека Судот постапува пред се врз основа на приложената документација/докази доставени од ОЈО и МВР и врз основа на слободно судиско убедување.

– Имено, неспорно е дека настан од кривично правен аспект постоел, па затоа со цел да се овозможи непречено водење на кривичната постапка односно истрага од страна на надлежен обвинител, судот смета дека е неопходно да се обезбеди присуство на осомничените лица. Но, потребно е да се знае дека во наредбата за истрага за конкретниот настан опфатени се 8 лица, а до овој момент доставен е предлог за определување мерки за обезбедување присуство, како и докази за нивна инволвираност, само за четворица, се вели во реакцијата од Кривичен.

Во врска кривично правниот настан, истакнуваат дека, законското битие на кривичното дело од член 303 став 2 од КЗ, кое им се става на товар е дека: „Тој што ќе изврши дело со кое ја загрозува или може да ја загрози безбедноста на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај, со користење на уред, материја или оружје, незаконски и со намера да изврши дело на насилство против лице на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај со која предизвикува или може да предизвика тешка повреда или смрт, или да уништи или оштети уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“.

– Во конкретниот случај, според дадениот опис на преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот, во овој момент не прозилегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело, односно дека со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт, или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќа. Имено од страна на  ОЈО Скопје не се доставени докази – медицинска документација за наводно предизвиканите повреди, нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот. Истиот не е сослушан пред ОЈО Скопје, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата. Понатаму не е наведен начинот како преземените дејствија предизвикале или можеле да предизвикаат уништување или оштетување уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај, нагласуваат од Кривичен суд.

Воедно, се вели во соопштението, според вонредниот инспекциски надзор на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), утврдено е дека не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, како што и изјави директорот на Агенцијата – Томислав Тунтев.

– Односно самиот предлог на Јавниот обвинител воопшто не води во правец на посоченото кривично дело. Меѓутоа, според доставените докази произлегува дека во конкретниот случај осомничените презеле одредени дејствија кои дополнително треба да се истражуваат, но не во контектст на наведеното  кривично дело за кои според ОЈО постои основано сомненевање. Па заради тоа, се со цел да се доразјаснат и утврдат сите правно релевантни факти во конкретниот настан кој се случил на 04.01.2024 година, судијата на претходна постапка определи мерки на обебзедување присуство од поблаг вид, се вели во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.

Од Кривичен, исто така, се напоменува дека, по добиената жалба од ОЈО Скопје за изречените мерки, дополнително ќе одлучува Кривичниот совет, кој може да ја потврди или преиначи одлуката.

Судија на претходна постапка од Кривичниот суд на 5 јануари годинава им определи мерки за претпазливост на четири лица меѓу кои и Беким Незири, поранешен министер, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ, осомничени за загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај. Тие заедно со уште четири други лица, по кои се трага, на 4 јануари упаднале во канцелариите на М-НАВ каде настанал инцидент.

– Согласно член 146 ст.1 од ЗКП на осомничените им се определува забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетниот како и меѓусебна комуникација, информираа тогаш од Судот.

Поради случувањата во М-НАВ, Владата за седницата во вторник на 9 јануари најави разрешување на раководството на претријатието, а исто така се најавени и вонредни контроли за работењето.  Основното јавно обвинителство Скопје, отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

To top