„Дали Ковачевски знаете за случајот каде директорот на АНБ во периодот на месец Октомври годинава со возило дадено на користење од СОЗР кај Неум во Хрватска учествувал во сообраќајна незгода и тоа со амбулантно возило каде возилото во кое се возел Зарко Милошевски било виновно и платило казна, дали е тоа според закон, дали тајната полиција во државава треба да патува со возило дадено од службите од Владата и зошто ова се прикрива? Дали посетата на директорот на АНБ била службена?“, запраша пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев на денешната собраниска седница за поставување на пратенички прашања.
Тој посочи дека се шпекулира односно дека станува збор за приватно патување па морале да се кријат и патуваат со друго возило. Јанушев го потсети Ковачевски дека во Хрватска пред еден месец за сличен случај премиерот разреши министер.
„Првото прашање до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е во врска со набавката на новата опрема за следење на комуникациите, односно за следење на податочниот сообраќај или за следење на мобилниот сообраќај. Прашањето доби можност да се постави сега, со оглед на изнесеното на собраниската комисија за избори и именувања пред некој ден што целокупната македонска јавност имаше прилика да го види и слушне“, истакна Јанушев.
Тој посочи дека станува збор за систем со кој се овозможува и се дава можност да се има пристап на целокупниот интернет сообраќај кој се одвива во државава, на било кој уред, преку било кој оператор.
„Во интерес на јавноста секако, а од информациите кои имавме прилика да ги слушнеме станува збор за систем за следење на комуникации преку кој имате можност за пристап до буквално целиот интернет сообраќај на било кој уред, телефон, оператор, без разлика дали тоа приватно или службено во државава. Како и можност за пристап до било кој уред, односно телефон со т.н малициозен софтвер“, кажа Јанушев.
Неговото прашање до Спасовски е за тоа дали МВР има издадено одобрение за ова не мега туку ултра скандалозна набавка?
„Ова е од особена важност затоа што има сериозни индиции дека сте запознаени со предметот на набавката и сте имале увид во техничката спецификација на истата, а наводно сте биле и лично брифиран за истото на состанок“, вели Јанушев.
Тој продолжи и истакна дека ќе постави и дополнително потпрашање.
„Дали МВР и вие како министер постапивте согласно член 62 од законот за следење на комуникации и извршивте контрола над спроведување на контрола на одредбата од членот 2 што е во ваша изричита надлежност?“, запраша Јанушев.