Македонија

Јаневска за недостигот на учебници за малобројните етнички заедници: Не е проблем тиражот туку исполнувањето на критериумите

Проблемот со недостиг на учебници на јазиците на припадниците од малобројните етнички заедници не е поради малиот тираж, туку затоа што треба да бидат исполнети предвидените критериуми, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Јаневска за недостигот на учебници за малобројните етнички заедници: Не е проблем тиражот туку исполнувањето на критериумите

Проблемот со недостиг на учебници на јазиците на припадниците од малобројните етнички заедници не е поради малиот тираж, туку затоа што треба да бидат исполнети предвидените критериуми, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Наставници и автори што пишуваат учебници на некој од овие јазици завчера на средба во Министерството за односи меѓу заедниците се пожалија дека со измените на Законот за учебници минатата година, конкурсите за учебници наместо МОН ги објавуваат издавачките куќи и оти тие поради економска неисплатливост одбиваат да ги печатат поради малиот тираж, со оглед на тоа што настава на секој од петте јазици следат по стотина ученици.

-Да, има проблем, не поради нискиот тираж, ние ја поправивме формулата и ги вклучивме и нив и цената на тие учебници е идентична како и сите други, по формула, без оглед што е тиражот понизок. Имаме поставено критериуми за луѓето што треба да пишуваат учебници. Затоа што навистина имавме лоши учебници кои беа оспорувани од многу страни, кои имаа многу грешки, и во новиот закон (за учебници) поставивме критериуми кои треба да ги исполни авторот на учебникот. Кога МОН, односно Педагошката служба бара, за жал, се случува во одредени заедници издавачките куќи да не можат да најдат луѓе што ќе ги исполнат тие критериуми. Мене ми е многу жал што мора тоа да го соопштам, но рековме дека проблемите јавно ќе ги објавиме и нема да ги ставаме под тепих, рече денеска министерката Јаневска одговарајќи на новинарско прашање.

Посочи дека МОН постапува законски и дека сите одобрени учебници се преведени на сите пет јазици.

-Ние сме единствената држава во светот која печати учебници на пет јазици, но тоа ќе го почитуваме до крај. Доколку постојат луѓе кои ги исполнуваат критериумите, заедниците нека се заангажираат, Министерството не се меша во таа работа. Кој ќе подаде учебник и кој Бирото ќе го одобри, камо среќа да имаме по два, по три, националната комисија веројатно ќе го избере откако ќе помине рецензија. Законот предвидува ако е понуден само еден учебник, само во тој случај Бирото да може да побара од авторите да го поправат во согласност со програмата. Ако се повеќе не, но ако е даден само еден учебник, тогаш ќе може Бирото да им дозволи да го поправат. Треба да се двајца професори, еден наставник, за жал, се случува да немаме такви, но мора да се државјани на Република Македонија, рече Јаневска додавајќи дека ако не се пријават автори за учебници за заедниците, повторно ќе бидат објавени конкурси.

Најнови вести од Македонија

To top