Македонија

Јаневска: Добрата соработка меѓу факултетите, компаниите и државата го унапредува образованието и поттикнува иновации за одржлив развој

Јаневска: Добрата соработка меѓу факултетите, компаниите и државата го унапредува образованието и поттикнува иновации за одржлив развој

На Градежниот факултет во Скопје денес беше отворен Научно-истражувачкиот центар „Знаење+ СО2-“, во рамки на соработката со цементарницата „Титан Усје“ насочена кон подигнување на свесноста за важноста од намалување на емисиите на CO2 при производство на бетон, преку научен и образовен развој, имплементација и стекнување на практични знаења и вештини, како и поттикнување на иновации и интерес за технологијата.

-Центарот, кој верувам дека ќе прерасне во иновациски хаб, ги спојува академскиот сектор, бизнис заедницата и државата во заложбите за создавање кадар кој ќе знае да развива решенија во согласност со европските стандарди за зелена транзиција. Оваа соработка е особено значајна затоа што е фокусирана на една од областите што со Стратегијата за паметна специјализација е посочена како приоритетна, со највисок економски, иновативен и истражувачки капацитет, областа – Одржливи материјали и паметни згради. А тоа значи создавање додадена вредност преку нови технологии и знаења, подобрување на конкурентноста на домашната економија и забрзување на развојот, рече министерката Весна Јаневска.

Центарот ќе им помогне на студентите да стекнат знаења применливи во реалниот сектор, давајќи им можност за поврзување на теоријата со практиката.

-Ова е идејата за воведување на моделот на дуално образование и во високото образование, а техничките факултетите се вистинското место од каде тоа треба да почне да се реализира. На ваков начин, добиваат сите – факултетот успешно ја извршува својата образовна и истражувачка улога, компанијата инвестира во иднината на младите и во сопствената конкурентност, а државата добива иновативна работна сила што ја движи економијата напред, нагласи министерката Јаневска. Очекува успешната соработка да се развива и понатаму и да биде пример што ќе го следат и други факултети и компании.

Новогодишен Giveaway – Зимзоленд

-Министерството и Владата се подготвени за поддршка на вакви иницијативи. Македонија треба да ја водиме кон одржлив развој и европска перспектива, со знаење, иновации и партнерство и, што е многу важно, со заедничка посветеност, посочи министерката Јаневска.

Соработката меѓу Градежниот факултет и „Титан Усје“ во делот на образованието се однесува на развивање наставна програма посветена на стратегии за ниско ниво на јаглерод и одржливи градежни практики, како и користење искуства од развиениот свет каде се поврзува теоријата со праксата со цел намалување на емисиите на CO2.

Најнови вести од Македонија

To top