Македонија 150 години од раѓањето на великанот

Јачева-Улчар за КУРИР: За жал, Македонците и македонскиот јазик се судираат со истите предизвици и искушенија со кои се соочувал и Мисирков

За жал и 120 години по објавата на неговата книга, и 80 години по официјализирањето на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, ние, Македонците, и македонскиот јазик се судираме со истите предизвици и искушенија со кои се соочувал и самиот Мисирков, вели Проф. д-р Елка Јачева-Улчар за КУРИР.

Јачева-Улчар за КУРИР: За жал, Македонците и македонскиот јазик се судираат со истите предизвици и искушенија со кои се соочувал и Мисирков

Денеска се навршуваат 150 години од раѓањето на великанот Крсте Петков Мисирков. На 18 ноевмри во 1874 година во селото Постол, Егејска Македонија, е роден Крсте Петков Мисирков, истакнат македонски филолог, лингвист, историчар, фолклорист, етнограф, публицист, политичар, револуционер и борец за македонската национална афирмација.

Во 1903 година ја издал книгата „За македонцките работи“, која претставува одраз и израз на неговата борба за самобитноста на македонскиот народ. Во 1905 година, во Одеса го издавал на македонски јазик, весникот „Вардар. Петков Мисирков умрел во Софија, во Бугарија, на 26 јули 1926 година.

Проф. д-р Елка Јачева-Улчар, научна советничка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“- Скопје, во изјава за КУРИР за великанот ќе рече:

-Само што ќе го постави прашањето апостолот на македонството, Гоце Делчев, на едно место во својата преписка: „Толку ли нема кој да напише една книга на македонски?“, стасува и одговорот во вид на книга од Крсте Мисирков, ученикот на Иван Александрович Бодуен де Куртене, основачот на Казањската лингвистичка школа и поддржувач на тезата за засебноста на македонскиот јазик, кој ги истражувал македонските говори уште во 1877.

Доволно е да се прочитаат последните 10-ина реда од книгата на Крсте Мисирков „За македонцките работи“ за да му се оддаде признание, но и благодарност за неговата далековидност во иднината и поставувањето на здрави темели на македонскиот јазик за тоа: – како тој да се оддалечи од бугарскиот и од српскиот јазик?; – кои говори треба да се најдат во основата на македонскиот јазик? – како да изгледа неговиот правопис?, и; – што да содржи неговиот лексикон. Еве го одговорот на Мисирков на овие прашања: „ (…) прво, Македонија да се неутрализира за Бугарија и Србија и да се оддалечи еднакво од двете држави, и второ, таа треба да се обедини врз јазична основа… 1. (…) прилепско-битолското наречеје за литературен јазик , како еднакво далечно и од српскиот и од бугарскиот јазик и централно во Македонија; 2. Фонетски правопис со употребените писмени знаци во оваа книга и со мали отстапки на етимологијата, и 3. Речничкиот материјал да е збир од сите македонски наречја.

Според Јачева-Улчар, успешноста на својата визија како да ја тестирал во својата книга низ примена на горезацртаното, со оглед на тоа што како некој што е роден во Егејска Македонија во село Постол, Ениџевардарско, не бил роден зборувач на централномакедонските говори.

-Признавајќи ја својата условно наречена слабост од недоволното познавање на овие македонски говори, уште во Предговорот ќе ни ја соопшти и целта за нејзиното создавање: „Како следбеник на идејата за полно одделување на нашите интереси од интересите на балканските народи и за самостојно културно-национално развивање, јас и ја напишав (оваа книга) на централното македонско наречје, кое за мене отсега натаму има да биде ЛИТЕРАТУРЕН МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК. Нерамностите што ќе се покажат во јазикот на мојата книга се сосем природни и ќе може да се отстранат само при едно подлабоко знаење на централното македонско наречје, со што не можам да се пофалам. Но и притоа се надевам оти за Македонците ваквиот јазик ќе биде ПОПРИЈАТЕН И ПОЗВУЧЕН ОД ЈАЗИКОТ НА НАШИТЕ СОСЕДИ!“, потенцира Јачева-Улчар и додава:

„За жал, и 120 години по објавата на неговата книга, и 80 години по официјализирањето на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, ние, Македонците, и македонскиот јазик се судираме со истите предизвици и искушенија со кои се соочувал и самиот Мисирков. Затоа и опоменуваат неговите зборови кога вели: „Секој човек, како член од некоја општина или од некое другарство, има извесен долг и извесни права кон и од нив. (…) Долгот кон народот е тесно врзан со долгот кон татковината, зашто поимот народ е тесно врзан со поимот татковина. Долгот кон народот и татковината зависи од историските прилики што ги преживува еден народ и една земја. Тој се применува според приликите. Долгот кон татковината и народот, до неговото исполнување, се вика народен идеал и кон негово исполнување треба да се стреми секој свесен човек. Народниот идеал се применува според историските прилики, и тоа што денеска било народен идеал – утре, по неговото осашествување, ќе му отстапи место на друг, за кој понапред малку се мислело. ЛОШО РАЗБРАНИТЕ НАРОДНИ ИДЕАЛИ САМО ГИ ЗГОЛЕМУВААТ НАРОДНИТЕ НЕСРЕЌИ БЕЗ ДА МУ ДОНЕСАТ ПОЛЗА НА НАРОДОТ!“.

To top